Шекеринска: Очекуваме Франција и Холандија да го ратификуваат Протоколот за НАТО во следните неколку недели

ПРЕБАРАЈ
МАКФАКС
МАКЕДОНИЈАШекеринска: Очекуваме Франција и Холандија да го ратификуваат Протоколот за НАТО во следните неколку неделиОбјавено пред 2 часа – 28 октомври, 2019Од Макфакс

На чекор сме до членство во НАТО, успеавме да го оствариме резултатот за кој сонуваа генерациите во изминатите 30 години, рече заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на граѓанската трибина „На прав пат“ во Берово.

„Од моментот кога сакаа со крв да спречат промена на власта, за само 2.5 години успеавме да го оствариме резултатот за кој сонуваа нашите генерации 30 години наназад. Тој резултат, тој успех, таа наша победа, не ни падна од небо, не ни го подари никој. Тоа е резултат на желбата и храброста на граѓаните и способноста, истрајноста на оваа Влада предводена од СДСМ“, додаде Шекеринска.

Таа рече дека уште три држави е потребно да го ратификуваат Протоколот, за да бидеме дел од најмоќниот и најбогат сојуз во светот – НАТО.

„Очекуваме Холандија и Франција да завршат во наредните неколку недели. Во Шпанија зависи од изборите, но очекуваме наскоро и таму да се заврши. Но без разлика дали ќе се стигне до декември, нашиот премиер на Самитот на НАТО ќе биде на масата со Трамп, со Меркел, со Столтенберг, таму каде што ни е местото. НАТО не значи само безбедност, стабилност и сигурност, НАТО значи и инвестиции. Со самата покана за НАТО ние успеавме да донесеме 4 пати повеќе инвестиции отколку времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Шекеринска на граѓанската трибина „На прав пат“ во Берово.