Ѓорчев: Да запре хајката и говорот на омраза на мегафоните на СДСМ против Франција, Макрон и Тимоние

Пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, изрази остра осуда за кампањата и хајката која што деновиве про-владините мегафони блиски до СДСМ ја водат против Франција, францускиот претседател Макрон и амбасадорот Тимоние.

Ѓорчев истакнува дека Македонија и Франција треба да градат пријателски и партнерски односи. Тоа е важно за европската иднина на Македонија и билатералните односи со Франција.

– Зачудуваат повеќе десетици текстови, изјави, прилози, колумни и статуси на социјалните мрежи објавени од политичари, функционери, советници, екс амбасадори, портали и јавни личности блиски до СДСМ, директно насочени против Франција, претседателот Макрон и амбасадорот Тимоние. За жал, во одредени текстови и објави има отворен говор на омраза и тоа треба да биде веднаш осудено – вели Ѓорчев.
Како што истакува Ѓорчев, сите во Македонија посакувале и дадоле поддршка за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија, но факт е дека многу од француските забелешки се реални и основани.

Ѓорчев појаснува дека Македонија во моментов има бројни проблеми, предизвици и назадувања. Потребни се реформи и чесна работа, а не хајки против пријателите кои добронамерно укажуваат на нашите пропусти како држава и добронамерно ја критикуваат власта.

– Франција НЕ е виновна за секојдневните скандали во Македонија, туку луѓето од врвот на власта. Затоа, оваа организирана и жестока хајка треба да престане час поскоро. Оваа хајка е непотребна и штетна за Македонија и нашите евроатлантски интеграции. Франција е меѓу клучните земји членки на ЕУ и НАТО, како и пријател на Македонија. Затоа, треба сериозно да се земат во предвид нотираните забелешки. Дополнително, свои забелешки кон состојбите во Македонија имаат Данска, Холандија, Белгија и повеќе други земји. Македонија предводена од Заев со неговите 50 лични советници и неговите 28 министри е далеку од стандардите на ЕУ според перформансите кои ги има. Оваа влада на СДСМ едноставно не може да ја доближи Македонија до ЕУ, што се виде на последниот европски самит. Македонија мора да направи многу реформи. Потребна е нова енергија, нови луѓе и многу работа – смета Ѓорчев.