Адеми и синдикалците на „ново пазарење“ за платите на просветарите

0
90

Платите ќе ги седнат уште еднаш на заедничка маса синдикалците и министерот Адеми денес.

Ќе се разговара за одбиениот предлог на Владата за покачување на платите за 10 проценти кое треба да се случи од април 2020 но дали Адеми ќе успее да ги убеди да не излегуваат на генерален штрајк или ќе им понуди повисок процент ќе се види по состанокот.

Советот на Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК минатиот петок одлучи да не го прифати понуденото од Владата на која со „контра“ барање и порачаа платите да се зголемат повеќе и тоа од јануари следната година.

На Владата и дадоа рок од 15 дена да размислува, и ако нивните барања не ги исполни дотогаш, на 11 ноември ќе има генерален штрајк.

Премиерот Заев вели дека досега платите на наставнициите се два пати покачени, и од април е понудено покачување од 10 проценти, што се две милијарди денари.

„Лесно е да протестираме и да се караме, но тоа никогаш не дало резултат кај нас. Сега сакаат пак да преговараме. Но треба да се прифатат реалните можности на државата. Ние сме спремни за наставникот да направиме се што можеме да го мотивираме да пренесува знаење на децата“ рече Заев.

За министерот Адеми пак ова покачување на платите е историско. Тој искажа оптимизам дека сепак ќе се најде решение.