Верушевски ја тужи државата

0
83

Тој ја тужи државата за двата притвора со кои беше во затвор 11 месеци во 2015 година за случајот „Пуч“ и обвинението за неовластено поседување оружје. Верушевски, како што кажа неговата адвокатка во постапка пред Граѓанскиот суд, доживеал душевна болка поради неоснованото апсење и држење во притвор 344 дена за што бил доставен и психијатриски наод, пренесува “Макфакс”.

„Мотивот на оваа правна иницијатива е да се заокружи личната семејна голгота која ми ја наметна државата со конструкција без преседан во историјата на државата. Бев неосновано обвинет за најтешки дела од велепредавство и шпионажа до монструозно обвинение поврзано со педофилија и лична дискредитација. Ниту бегството на поранешниот премиер не беше доволно, сите инволвирани во вакви злоупотреби да бидат изведени пред лицето на правдата“, кажа Верушевски пред судот.

За барањето на Верушевски претставникот од правобранителството се противеше само на висината на сумата која ја бара екс разузнавачот. Одлуката на судот се очекува да биде донесена на четврти ноември.

Предметот „Пуч“ беше отворен непосредно пред објавувањето на т.н. бомби, а се однесуваше за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Покрај Верушевски, обвинети беа и неговата сопруга Соња Верушевска, премиерот Заев, и уште две лица. Екс разузнавачот беше во притвор од јануари до крајот на декември 2015та година, а предметот од редовното го презеде Специјалното обвинителство, кое потоа се откажа од случајот поради тоа што доказите за овој предмет биле во спротивност со тие во предметот “Таргет- тврдина”.