Власта брза да дозволи извоз на цвет од марихуана

0
127

Власта не се откажува од идејата да се дозволи цвет од марихуана да се извезува надвор од земјава. Предлог-законот за ова, со европско знаменце, веќе е во собраниска процедура. На 4 ноември во Собранието треба да се утврдува потребата за расправа за овој закон.

Опозицијата за ова законско решение негодува. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во емисија на Алфа вели дека предлог-закон за опојни дроги и прихотропни супстанци е во корист на Заев, блиската фамилија и неговите соработници.

– Додека Заев формално се бореше за датум за преговори со Европската унија, во Македонија пушти закон за извоз на сув цвет од марихуана на кој што стави европско знаменце злоупотребувајќи го целосно процесот на зачленување на Македонија во европската Унија, затоа што никаква врска нема марихуаната со Европската Унија. Потоа се чудеше зашто нема датум кога го гледаат лидерите на ЕУ, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред неколку месеци здруженијата бараа измени на законот, меѓу кои и државата да дозволи извоз на цвет, но засега нема образложение од Владата зошто законското решение предложено од министерството за здравство „со брзина на светлината“ стигна до законодавниот дом и што бара европско знаменце на предлог – закон кога истиот не е дел од пакетот реформски правни рамки „по налог“ на Европската унија.

Она што е повеќе од јасно, единствено е, оти Владата инсистира да се заобиколи редовната собраниска процедура, а од друга страна познавачите веќе неколкупати апелираа да не се дозволи законот за употреба на лек „да се стори“ закон за бизнис на поединци.

Владата, според текстот на законското решение, ќе формира и Комисија која ќе врши контрола, промет, извоз и увоз на семето од канабис, а ќе биде составена од претставници на скоро сите министерства.

Досега во земјава 29 фирми добија одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, од кои клучните играчи на таа листа се роднини и блиски соработници на премиерот Заев.