Вучиќ: Српска листа однесе една од најубедливите победи: 10 од 10 доколку не пристигнат гласови од вселената

0
141

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Српска листа на предвремените парламентарни избори во Косово однесе една од најубедливите победи во својата историја, и дека во сите места со српски жители доби повеќе од 90 проценти од гласовите.

„Тоа е досега со преброени гласови 10 од 10, освен ако не дојдат некои гласови од вселената“, рече Вучиќ пред новинарите во Белград.

Вучиќ рече дека изборните резултати му се неочекувани, со оглед на, како што рече, „најтешките услови“ бидејќи многумина се обидуваа да го соборат монополот на Српска листа.

„Ова ми е една од омилените победи затоа што е во најтешки услови. Српска листа ја однесе најголемата победа во историјата“, рече Вучиќ.

„Во Северна Митровица, Српска листа доби 7.118 гласови, Српската либерална партија 34 гласа, Рада Трајковиќ и Рашиќ 51 глас и Партијата на косовските Срби 55 гласови. Српска листа доби 98.07 српски гласови“, рече Вучиќ.

Тој исто така наведе и дека на сите места, Српска листа добила повеќе од 90 проценти од гласовите, и дека таа добила значително повеќе гласови, а сите други значително помалку гласови.

„Во Обилиќ, каде што Српска листа доби 1.217 гласови, Рада Трајковиќ и Рашиќ не добија ниеден, во Штрпце каде што Српска листа доби 5.122, тие добија 26. Во Ораховац, Српска листа доби 404 гласови, четири добија Рада Трајковиќ“. рече Вучиќ.

Вучиќ, исто така, рече дека Србија ќе биде подготвена да преговара без разлика која партија ќе победи на парламентарните избори во Косово.

„Кои и да бидат легитимни претставници, без разлика кои се тие, Србија ќе биде подготвена да разговара. Наше е да разговараме. Тоа ќе биде многу тешко, нема да биде лесно ни за нас ни за нив“, рече Вучиќ пред новинарите во Белград.

Тој рече дека во моментов води Демократскиот сојуз на Косово, но дека очекува Самоопределување да добие голем број гласови од странство.