Дали Талат Џафери правилно го чита Уставот?

0
85

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се чини дека непрецизно го чита Уставот кога вели дека парламентот треба да се распушти на 11 февруари, а изборите да се распишат на 12 февруари за да се одржат на 12 април. Притоа, на денешниот брифинг со новинарите, во поткрепа на овој став, Џафери тврдеше дека „мора да се испочитува рокот од 60 дена од распуштањето на Собранието до одржувањето избори“, пишува порталот 360 Степени.

Во членот 63 од Уставот пишува:

„Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.“

Член 63 од Уставот
Уставот зборува за максимален рок од 60 дена во кој треба да се одржат предвремени избори (во случај на самораспуштање на Собранието), а не за точно определен рок од 60 дена. Минималниот период потребен за завршување на сите предизборни дејства го определуваат роковите за предвремени избори опишани во Изборниот законик.

ИЗБОРИТЕ ВО 2008 Г. СЕ ОРГАНИЗИРАА ЗА 50 ДЕНА

Такво е и искуството од претходните предвремени парламентарни избори. Во 2008 година, по недобивањето покана за членство во НАТО, на иницијатива на ДУИ – партијата од која доаѓа Талат Џафери, Собранието се распушти на 12 април, а изборите се одржаа 50 дена подоцна – на 1 јуни. Еве ги датумите на распуштање на парламентот и на одржување на изборите во претходните вонредни циклуси:

2016 г. – 54 дена

18 октомври – распуштање на Собранието

11 декември – изборен ден

2014 г. – 53 дена

5 март – распуштање на Собранието

27 април – изборен ден

2011 г. – 52 дена

14 април – распуштање на Собранието

5 јуни – изборен ден

2008 г. – 50 дена

12 април – распуштање на Собранието

1 јуни – изборен ден