Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во „Монструм“, од Косово нема одговор за екстрадицијата на осомничените

0
192

Министерството за правда соопшти дека подетално ќе ја информира јавноста околу постапката за екстрадиција на двете осомничени лица во случајот „Монструм“, Демири и Исмаиловиќ.

Според Министерството, се прават напори и се користат сите законски можности, но и билателарниот договор со Косово двајцата бегалци, Демири и Исмаиловиќ да се донесат во земјава.

„Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година, Апелацискиот суд на Република Косово го одбива првото барање за екстрадиција.

Откако повторно беше комплетиран предметот, од страна на министерката Дескоска беше испратено новото барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово прими на 5 септември 2018 година.
Во новото барање детално се задржавме на сите точки кои беа истакнати во претходно одбиеното барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција до денес Министерството за правда на Република Северна Македонија нема добиено никаков одговор од Министерството за правда на Косово.

На располагање на Министерството за правда на Република Северна Македонија му преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат.

Вакви ургенции имаме пратено во два наврати, и тоа на 26 февруари 2019 година, а последната ургенција е испратена на 3 јули оваа година.

Согласно сите податоци со кои нашето Министерство располага, а кои ги имаме доставено до Министерството за правда на Косово, очекуваме лицата да бидат екстрадирани и да бидат изнесени пред лицето на правдата“, пишува во соопштението од Министерството за правда.

Родителите на убиените момчиња на денешното рочиште за „Монструм“ побараа средба со министерката за правда и таа да се оствари до одржување на следното рочиште.