ЕП: ИСТОРИСКА ГРЕШКА НА ЕУ

0
122

Европарламентарците на денешната пленарна дебата во Европскиот парламент разгледувајќи ја одлуката на Европскиот совет за проширувањето, искажаа поддршка за старт на преговорите со Скопје и Тирана. Во обраќањето пред пратениците, претседателот на европскиот Совет Доналд Туск изјави дека европските лидери направија голема грешка за Северна Македонија и Албанија. Дебатата за проширувањето беше тешка, не беше постигнат потребниот консензус, рече Туск. Тој изрази надеж дека лидерите ќе го испочитуваат заклучокот на Европскиот Совет, дека ќе се навратат на ова прашање пред Самитот во Загреб во мај следната година.

– „Според мое мислење, тоа беше грешка и тоа отворено и директно им го кажав на лидерите“. – Доналд Туск – претседател на Европскиот Совет.

Лидерите на најголемите политички групи во Европскиот парламент го осудија минатонеделниот неуспех на Самитот на лидерите на ЕУ кога не беше донесена одлуката за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија. Претставникот на најголемата групација, Европската народна партија, Манфред Вебер, изјави дека ЕУ има одговорност да донесе доза на стабилност на Западен Балкан, кој, според него, и натаму е нестабилен.

– „Многу баравме од тие земји, а сега вратата им е затворена пред нос. Губиме кредибилитет и тоа е сериозно“. – Манфред Вебер – Европска народна партија.

Гарсија Перес од редовите на европските социјалдемократи оцени дека проширувањето може само да донесе „нов живот“ во ЕУ.

– „Внесувањето на Западен Балкан не само што ќе придонесе за стабилност во регионот, туку и стабилност на цела ЕУ“. – Гарсија Перез – Европски социјалдемократи.

Лидерот на групата на европски либерали, во која се наоѓаат и француски пратеници од партијата на Макрон, Дачијан Цилос изјави дека проширувањето мора да остане во срцето на политиката на ЕУ.

– „Не можеме да замислиме силна Европа, а да не е отворена кон соседите, посебно кон оние кои веруваат во неа можеби и посилно отколку некои земји членки“. – Дачијан Цилос – Европски либерали.

Европските Зелени со најостри критики кон францускиот претседател. Претставникот на Зелените во ЕП, Филип Ламбертс ја оцени како сериозна грешка одлуката на Европскиот совет и побара од Унијата да направи вистинска работа доколку постои политичка волја за тоа.

– „Ако се сеќавате, Емануел Макрон го поздравивме како голем Европеец. Но како одминува времето, сфаќаме дека не е ниту голем, ниту Европеец“. – Филип Ламбертс – Европски зелени партии.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во неговото последно обраќање во Европскиот парламент нагласи дека неединството на земјите членки за новите чекори во процесот на проширување на ЕУ е „огромна грешка“.