Заев најави трамвај, Шилегов вети брза автобуска линија

0
76

По една година од најавата на градоначалникот Шилегов дека се работи на проект за изградба на трамвајска линија во главниот град, Скопје веројатно ќе добие брза автобуска линија на струја
Премиерот Зоран Заев од собраниската говорница денеска најави дека во Скопје ќе се гради електрична трамвајска линија, но градоначалникот на главниот град Петре Шилегов вечерва вети дека скопјани ќе добијат брз автобуски превоз. Според Шилегов, долго најавуваниот трамвај ќе биде заменет со автобуси на струја кои нема да го загадуваат воздухот.

„На крај сме на разговорите со владата за финансирање на проектот. Планираниот трамвај во полн профил ќе го замениме со ткн. Бас рапид транзит (Брз автобуски превоз, н.з.)“, рече вечерва Шилегов на одбележувањето на двегодишнината од неговото градоначалствување.
„Технологијата што јас ја одбирам е погон на водород со нус продукт водена пареа. Тоа ќе продуцира емисија на нула штетни гасови во атмосферата.“

Шилегов вели дека со овој проект нема да биде опфатен само „рбетот на градот“, односно оската исток-запад, туку новиот транспорт ќе оди и по линијата север-југ, односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, и од Кисела Вода до Бутел.