Ирак: Најмалку 33 лица загинаа на протестите против Владата

0
129

Најмалку 33 лица се убиени во немирите и антивладините демонстрации што го тресат Ирак веќе трет ден по ред. Демонстрантите не го почитуваа полицискиот час воведен во Багдад и во другите градови, а полицијата употреби муниција и солзавец за да ги растери, пренесе АП.

Ирачките власти го прекинаа пристапот до Интернет во голем дел од земјата во обид да ги спречат немирите. Протестите против владата избувнаа поради незадоволството на младите кои бараат работа, подобри комунални услуги како што се снабдување со вода и електрична енергија и борбата против корупцијата во земјата богата со нафта.

Немирите претставуваат најсериозен предизвик за премиерот Адел Абдул Махди, кој ја презеде функцијата пред една година.