Иринеј Бачки: Јован е на слобода, но се уште нема ослободителна пресуда

0
79

Епископот бачки Иринеј вели дека СПЦ е секогаш отворена за дијалог и покрај, како што го нарекува „државниот прогон, кој власта на Северна Македонија продолжува да го спроведува на верска основа против Православната Охридска Архиепископија“. Тој во интервју за „Новости“ сепак признава дека дали и кога ќе продолжи дијалогот со МПЦ-ОА не зависи само од СПЦ.

-Нашата Црква не почнува сега дијалог со своите деца, кои заведувани и заведени, влегле во раскол со неа. Таа го води тој дијалог веќе со децении, од самото настанување на расколот пред 52 години, трпеливо и со љубов повикувајќи ги да се вратат во единство со Црквата, без што тешко дека има спасение, да го прифатат вековниот канонски поредок на Православната Црква и, исклучиво на таа основа, без вонцрковни мотиви и противцрковни влијанија, да вложат напор да дојдат до целосна црковна самостојност, ако таа им е цел.

Дијалогот, пред неколку години, беше прекинат заради прогонот на поглаварот на ПОА Јован, за што одговорноста според Иринеј е првенствено кај државниот врв на Скопје, без чија, како што вели „политичка одлука, судско-полициското шиканирање не ќе беше ниту можно“.

-Но, голем дел од одговорноста носи и јерархијата во раскол, која не само што не го осуди кршењето на основните човекови права и граѓански слободи на вероисповед и совест, туку мирно ги набљудуваше маките на своите браќа и сестри по вера и крв. За жал, некои од нејзините членови беа и поттикнувачи на прогонот или соучесници во неговото извршување, вели српскиот епископ.

Тој укажува дека Јован денес е на слобода, но потенцира дека сѐ уште нема ослободителна пресуда од судот, со што како што оценува, „Дамокловиот меч на нова судска фарса и нов затвор и понатаму му виси над главата“.

-И покрај тој тажен факт, ние сме отворени и подготвени за дијалог, а дали и кога ќе биде обновен, не зависи само од нас, вели Иринеј во интервју за „Новости“.