Лидерска средба: Скопје нема да прифаќа интеграции од „Б“ категорија

0
112

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе ја организира првата лидерска средба по црвеното светло од Брисел за европските интеграции. Во фокусот ќе бидат реафирмацијата на европскиот пат и предвремените избори.
Првата лидерска средба кај шефот на државата треба да даде одговори на клучните предизвици пред кои е исправена земјата по тешкиот удар од самитот на ЕУ во Брисел. Од кабинетот на Пендаровски велат дека за претседателот е од клучно значење да се реафирмира евро-атлантската интеграција на Северна Македонија како прв и најважен приоритет. Притоа, дополнуваат, не смее да се остави простор за било какви алтернативни проекти.
Во обраќањето до нацијата во петокот, Пендаровски начна дел од дилемите кои се вртат низ европските кулоари, споменувајќи ги „концепциските разлики меѓу носечките држави членки на ЕУ во однос на проширувањето“.
„Во позадината на сите преговори можеа да се слушнат и размислувања за градење на некаков посебен однос на Европската унија со државите од нашиот регион, различен од патот низ кој што поминаа сите некогашни кандидати за членство. Почитувани, тие дилеми допираат до самата суштина на европската идеја, а, таа е дека сите држави на континентот, со исполнување на критериумите имаат право на полноправно членство во унијата“, оцени во петокот Пендаровски.
Во неговиот кабинет не сакаат да навлегуваат во детали за дилемите кои ги споменува шефот на државата, но објаснуваат дека е добро истите навремено да се отфрлат.
„До нас доаѓаа информации и пред и за време на самитот на ЕУ за одредени идеи и неофицијални предлози за некакви алтернативни форми на поврзување меѓу постоечките членки на ЕУ и шесте земји на Западен Балкан“, вели извор во Кабинетот на Пендаровски.
Шефот на државата и во својот говор нагласи дека прифаќа и поздравува дополнување и надградување на преговарачката методологија, како што бара Франција, и смета дека истата би била во насока на давање нов квалитет во преговорите, која во крајна линија е добра и за Скопје.
„Но не прифаќа алтернатива на полноправното членство“, велат во неговиот Кабинет.
Од лидерите на политичките партии се очекува да го прифатат тој став. Дополнително, иако НАТО интеграцијата не е спорна, претседателот очекува и таа ориентација да се реафирмира во пакет со ЕУ. Образложението е дека тоа е важен сигнал наспроти бранот анти-ЕУ пораки кои се испраќаат до јавноста преку различни медиуми и опасноста од вмешување на трети страни. Во таа насока, проценките се дека за државата во моментов нема никакви безбедносни закани, но се бара будност поради информативни кампањи кои целат кон предизвикување негативна општествена клима.