На македонската сцена се враќа националистичкиот наратив

0
81

Додека европската јавност бара преиспитување на францускиот став, во македонската јавност, исто како и пред референдумот, се враќаат на сцена и наративот и организациите со предзнак анти-ЕУ и анти-НАТО.

Премиерот Зоран Заев потврди дека добил покана и дека на 29 -ти октомври ќе отпатува во Рим на средба со шефот на италијанската Влада, Џузепе Конте, откако тој соопшти дека Италија повторно ќе го наметне прашањето за проширувањето на новиот министерски состанок во средината на ноември. По минатонеделното француско „не“ за одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, реотворањето на ова прашање би значело шанса за нова дебата меѓу земјите-членки на ЕУ и обид да се дојде до консензус. Македонскиот премиер засега е воздржан околу потенцијалот на таа инцијатива.

„Сега јас малку ќе закочам со мојата надеж и оптимизам. Нели бев најголем оптимист. Ние да си работиме, а тие дај Боже побрзо да одлучат, да ги отворат поглавјата за нас, односно да ја донесат одлуката за почеток на преговорите”, изјави Заев во емисијата „360 степени“.

Според него, иницијативата на Италија била поддржана и од други премиери.

Повеќе: Нова офанзива против ветото на Макрон за Скопје и Тирана

Италијанските медиуми посветуваат внимание на оваа тема и ги анализираат можните последиците за регионот и Унијата.

„Стратегијата на Макрон за Албанија и Северна Македонија ѝ штети на ЕУ”, се вели во коментар на „Кориере дела сера“. Во него се оценува дека Емануел Макрон иако сака да изгледа како далекусежен стратег, со спречувањето на одлуката двете земји да почнат преговори со ЕУ, тој ја повлекол ЕУ чекор наназад и кон лизгање на земјиштето.

„Некои можеби мислат: каква е потребата да се додадат повеќе вагони додека заедницата може да го изгуби и оној на Велика Британија? Преговорите за пристапување траат со години. Започнување преговори не би значело зачленување на двете балкански држави во ЕУ сега. Тоа би значело и повикување на натамошно реформирање на политичките, правните и економските системи во насоки различни од минатото, за да се заштити конкуренцијата, да се намалат олигарсите и монополите“, се вели во коментарот.

Одбивањето да се отворат преговори е оценето како „товар врз рамената на оние кои одвнатре ги водат двете држави кон ЕУ, и како помош за оние кои се обидуваат да ги привлечат кон орбитите на Русија, Кина и Турција”. „Помеѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и кинескиот економски империјализам, на светот ѝ треба Европа способна да биде авангарда. Таа не е модна писта за политичари, склони да одлучуваат сѐ според нивната желба до следното истражување“, се вели во коментарот.

Македонскиот премиер засега е воздржан околу потенцијалот на инцијативата на Италија

Исто како пред референдумот

И додека во Европа и регионот се проценуваат штетите од француското „не“, некои аналитичари и партиски лидери од земјата во српски медиуми објаснуваат дека тоа е добра вест. Како што е објавено на веб-страницата на срспката ТВ „Пинк“, политичкиот аналитичар Тони Науновски во емисијата „Правец“ истакнал дека е сигурен оти граѓаните на земјава ќе се радуваат на таа вест.

„Повеќе години, деценија, практично сѐ она што ЕУ го има како визија, како реален план и реална политика кон Македонија е во спротивност со нашите државни и национални интереси (…) Таа нивна визија за Mакедонија до 2001 година можеби била добра, но со Охридскиот договор, потоа со наметнувањето на т.н. тероторијална реорганизација на локалната самоуправа, како и со Преспанскиот договор, фактички го уништија националниот и историски идентитет на нашиот народ“, изјавил Науновски. По „Тиранската платформа“, која ја смета како директно или индиректно дело на ЕУ, епилогот од Брисел го оценил како добра работа, бидејќи се разбила илузијата кај многу во Македонија.

„Макрон јасно и гласно рече дека е прашање дали на ЕУ и треба проширување и мислам дека ЕУ сега ќе стави железна завеса за нашата земја“, оценил тој.

Повеќе: Пораката од ЕУ самитот гласи: Што и да сторите не сте добредојдени!

Јанко Бачев, лидерот на „Единствена Македонија“ изјавил дека во Македонија постои марионетска власт за која верува дека ќе падне на следните избори, и дека Договорот од Преспа според меѓународното право е ништовен. Притоа открил дека врвот на „Единствена Македонија“ во мај бил на состанок со францускиот амбасадор во Скопје, и дека исходот го знаеле уште во тоа време.

Бачев е претседател на вонпарламентарна партија, но изјави за оспорување на Преспанскиот договор дојдоа и од пратеници на парламентарната ВМРО-ДПМНЕ. Антонијо Милошоски во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ веќе укажа за начини на кои можело да се врати старото уставно име, а процесот на проширување го нарече клинички мртов. Сето ова додека претседателот на неговата партија заедно со други партиски лидери кај шефот на државата се согласија дека членството во ЕУ останува стратегиски приоритет.

Mazedonien Proteste in Skopje (Reuters/O. Teofilovski)
Опозицијата зборува за враќање на старото име на државата, аналитичарите предупредуваат дека се шири многу „магла“

Револуции и магли

Аналитичари предвидуваат дека во периодот ќе се шири многу „магла“ и дека на постојана мета ќе биде Договорот од Преспа, иако на сите им е јасно дека без него европските перспективи би биле сведени на нула. Но, игрите на таа карта почнуваат шест месеци пред изборите. Со повик „Не за ЕУ! Не за НАТО! Не за Северна!“, неколку организации (Движење Преродба, МОС- Македонски Обединети Сили, Родина, Тврдокорни и Христијанско Братство), за утре попладне повикуваат на масовен собир и „Сончева револуција“.

Повеќе: Меркел жали поради тоа што нема единство за датумот за преговори

„Ќе ги вложиме сите свои сили, за со секој збор, со секое дејство, со секој здив да се избориме за целосната слобода – за Македонија на Македонците. Нема друг излез, нема друго решение, освен отфрлање на наметнатата предавничко-окупаторска власт. Да ја развиваме силата на сончевата револуција, сѐ додека не дојдеме до нивото кога нашите правични барања ќе бидат исполнети со разбирање или со присила“, се вели во повикот.

Во него посебно се обраќаат до членството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Неопходно е лично учество на оние места каде што битката се води. Мала е користа од позерско присуство на места каде што ништо не се одлучува. Не се достојни за ВМРО оние кои во услови на сеопшто предавство чекаат европска дозвола за да ги бранат идеите на Организацијата. Не се ВМРО оние кои не се чувствуваат доволно засегнати за јавно да излезат да го бранат ликот на најистакнатиот вмровец – Гоце Делчев“, се вели во повикот за собирот на 23-ти октомври – Денот на македонската револуционерна борба.