Неизвесно дали новата жичница на Попова Шапка ќе стартува годинава

0
89

Сѐ уште е неизвесно дали жичницата – шестосед на Попова Шапка ќе биде во употреба оваа зимска сезона. Директорот на Агенцијата за поддршка на туризмот вели дека е подготвена,  но не е 100 отсто сигурен околу стартот во својата изјава.

„Дали Шапка треба да биде ски- центар, или треба да се развива како дестинација за четири сезони. Јас сум комплетно сигурен дека можеме во сите 12 месеци да развиваме алтернативен туризам, па дури и сега на Шапка да развиваме алтернативни форми на туризам како слободно скијање, пешачење, сноу бординг. Мислам дека шестоседот годинава ќе биде во функција, мислам – во овој момент не можам да кажам“, рече Љупчо Јаневски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка туризмот.

Жичницата на Шапка се чека да биде готова повеќе од пет години, а властите ја најавуваат за подготвена и за оваа сезона, како и сите претходни.

А, туристичките работници заедно со државата договараат нов начин на поделба на субвенции за привлекување туристи. Освен туроператорите и туристичките агенции, државна помош сега бараат и хотелиерите за носење побогати туристи кои во земјава ќе потрошат повеќе пари.

„Ние не се согласуваме во делот на субвенционирањето за одредени земји да земаат поголема стапка за субвенционирање, тоа е Холандија со 65 евра, а туристите од Турција да земаат 15 евра. Треба прво опкружувањето да го видиме, а потоа друг вид на туристи. И морам да кажам дека треба да се ориентираме кон алтернативен туризам кој е поскап и носи многу девизи“, рече Славе Сирачевски, потпретседател на здружение на угостителство.

Колку пари ќе треба да им дава државата на туристичките работници  за донесен гостин по новиот начин на субвенционирање засега не е договорено. Целта пред се е да се зголеми девизниот прилив во земјава по овој основ, кој лани надминал 380 милиони евра. Со сегашниот модел на субвенционирање се потрошени 1,2 милиони евра од буџетот, односно по 2,1 евра по турист.

Извор Алсат