Обраната на Катица Јанева очекува таа да биде ослободена од Шутка

0
115

Адвокатите на Катица Јанева веќе трет ден подготвуваат приговор за обвинението на Вилма Рускоска за „Рекет“. Во понеделникот и официјално го примиле документот, а идниот понеделник ќе ги достават нивните забелешки до судот. Паралелно, одбраната поднесе жалба со која бараат Јанева да излезе од зад решетки.

„Искрено очекуваме позитивна одлука на судот и поблага алтернативна мерка за Катица Јанева“, вели Ирена Фрчкоска, Адвокатка на Катица Јанева.

Од Кривичниот суд објаснуваат дека сè уште немаат одлучено кој ќе постапува по жалбата – судија на претходна постапка или Кривичен совет? Понудената гаранција на Јанева составена од три стана сè уште не била препратена кај Вилма Рускоска за да даде мислење за барањето Јанева да излезе од Шутка.

Минатиот викенд поранешната шефица на СЈО беше хоспитализирана во приватната болница „Жан Митрев“. Лекарите ù вршеле детални испитувања бидејќи, како што рекоа од нејзината одбрана, била донесена во болницата во прединфарктна состојба и со болки во градите. Јанева во понеделникот беше вратена во Шутка откако лекарите констатирале дека ù е подобро.

Јанева не даде исказ во Обвинителството за организиран криминал. Рускоска ù поднесе обвинение дека ја злоупотребила службената положба со олеснување на положбата на бизнисменот Орце Камчев, а за возврат добила 50 илјади евра и мебел вреден 5 илјади евра. Освен Јанева, во „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец зашто изнудиле 1,5 милиони евра од Камчев.