Објавена „бомбата“ што ја најави Николовски, НА за европски образовни програми испрати демант

0
140

ВМРО-ДПМНЕ ја објави најавената наводна „бомба“ од страна на потпретседателот Александар Николовски и денеска најголемата опизициска партија ја обвини Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, предводена од поранешната пратеничка на СДСМ, Лидија Димова, за „пустошење“ на европските фондови. Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција соопшти дека оваа агенција намерно доцна ги објавувала резултатите од апликантите кои конкурирале за грантови за да немаат право на жалба и така биле фаворизирани четири организации од невладиниот сектор.

– За да имате претстава за колкави средства станува збор, само ќе напоменеме дека агенцијата за 2018 година располагала со буџет од приближно 6 милиони евра. Сознанијата кои ги имаме укажуваат на тоа дека преку сомнителни одлуки на сомнителни евалуатори, едни исти невладини организации постојано добиваат голем дел од колачот, а не останале со куси ракави и луѓе кои биле дел од судската власт. Постојат сомненија дека луѓе инволвирани во целиот процес, толку биле охрабрени што дури и преку електронска пошта барале процент од парите кои би биле доделени за одреден проект, а како против услуга ја нуделе нивната помош и посредување. Стотици илјади евра на агенцијата се трошени и на сомнителни набавки кои треба да бидат интерес на органите на прогонот. Наместо националната агенција да работи транспарентно и отчетно, тие ги кријат податоците за резултатите од добиените грантови. Имено, резултатите од првиот рок на аплицирање за проектите од клучна акција (КА105) кој што беше до 5-ти односно 12-ти февруари 2019 година, Националната агенција во Македонија ги објави на 08 јуни 2019 година. Четири месеци подоцна. На овој начин, на апликантите кои беа одбиени во првиот рок на аплицирање им беше одземено правото своите проекти да ги корегираат и со нив да аплицираат во вториот рок во април, вели Андоновски.

Тој додава дека само како пример ќе наведам дека Националната агенција на Португалија резултатите ги објави на 6 – ти април, на Финска на 29 март, Националната Агенција во Летонија на 19 април. Со жалење констатирам дека истото се повторува и сега во месец август и септември.

– Ненавремено објавените резултати за кои зборуваме ги немаат ниту потребните информации, кои според строгите правила на Еразмус мора да бидат објавени. Во резултатите недостасуваат информации за тоа колку вкупно проекти аплицирале, кои од проектите се на листата за чекање, со колку поени се бодувани аплицираните проекти, како и областите и насловите на проектите. Од прикажаното не може да се види ниту името на проектот, ниту колку бодови имаат наградените проекти, истакнува Андоновски.
Тој посочи дека Европски Културен Епицентар – Битола (добил 2 грантови), Младинска Алијанса Крушево – Младински сојуз Крушево (3 грантови), Сумнал Скопје (5 грантови) и Мрежа за доживотно учење Тетово (2) добиле вкупна сума од околу 170.000 евра.

„Дали на овој нетранспарентен начин, Лидија Димова преку НА сака да му наштети на цивилниот сектор во Република Македонија и да се спречи негово слободно развивање без контрола од власта. Дали Националната агенција и доделувањето проекти е директно контролирано од една невладина организација која е блиска до Лидија Димова и до уште неколку пулени на сегашната власт на СДСМ, меѓу кои и министри, заменици министри и сегашни и поранешни функционери. Дали Националната агенција наместо парите да ги распределува на НВО и образовни институции во крајно спорен процес, троши над 6 милиони денари за себе промоција и маркетинг? Дали Лидија Димова доделува огромни финансиски средства на подобни луѓе од правосудниот свет, со цел корумпирање и нивно придобивање во борбата со политичките неистомисленици?, прашува Андоновски.

За Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ е несериозен обид да се минира успехот на Владата во пресрет на Советот на ЕУ од каде што се очекува датум за почеток на претпристапни преговори.

„ Прво, најавата на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, за наводна злоупотреба на 3 милиони евра од европските фондови преку ноќ се претвори во 170.000 евра. Во врска со 4 организации кои наводно на сомнителен и нетранспарентен начин добиле грантови од Националната агенција, сакаме да ве информираме дека посочените организации се корисници на програмата Еразмус+ уште од 2013 година, односно од самиот почеток на програмата, кога Лидија Димова не беше директорка на агенцијата. Во однос на маил комуникацијата преку која наводно се барале проценти за доделување на проекти, ја повикаме ВМРО-ДПМНЕ да ја достави истата до сите релеватни институции во Република Северна Македонија, вклучувајќи ја и Националната агенција, како би можеле да преземеме соодветни активности согласно нашите правилници за работа. За нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно Националната агенција доделила 6 милиони денари за себепромоција на Лидија Димова, ве информираме дека Националната агенција има обврска да ја промовира програмата Еразмус+ како и другите мрежи и иницијативи преку одржување на обуки, конференции, работилници и настани од сличен карактер“, демантираат од таму.

Од Националната агенција велат дека секој може да направи сериозно истражување на тема „транспарентно користење на средствата од програмата Еразмус+“.

„Денешната прес-конференција покажа дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ја познава суштината на програмата Еразмус+. Како Национална агенција се обврзуваме да ги поканиме ВМРО-ДПМНЕ на следната обука за програмата Еразмус+ како би им се разјасниле процедурите и правилата на програмата за во иднина да не излегуваат со вакви смешни прес-конференции“, се додава во соопштението.