„Окупација“ на малцинствата, Власите бараат отфрлање на Законот за јазиците

0
127

Бараме почитуваната професорка и академик Катица Ќулавкова да поведе акција за потпишување на петиција на интелектуалците во Македонија со која од Венециската комисија, од Владата и од Собранието ќе се бара целосно отфрлање на Законот за употреба на јазиците, вели во изјавата за МКД.мк Димо Димчев од Унијата за култура Власите во Македонија.

„Со овој Закон се воведува ‘окупација’ на Македонија, особено на малите малцинства. Малите малцинства и така не се третирани/почитувани, ама со овој Закон им се наложува да учат уште еден јазик, покрај официјалниот и службениот јазик во Македонија. Вакво нешто не се видело ни за време на Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше окупирана од Германците, ама не беше наложено со закон сите народи задолжително да го учат германскиот јазик. А да не зборуваме дека се предвидени и драстични казни за тие што нема да го научат албанскиот јазик. Од друга страна, барем јас никаде не прочитав, дека со овој закон ‘се замолуваат’ и Албанците во Македонија да научат нешто македонски.

Да заклучам, професорке и драга Катица Ќулавкова, сега вие сте на потег и поведете го орото, покренете акција за петиција. Оствари ја твојата обврска како Македонка. Јас толку знам и можам и толку кажувам“, вели во изјавата Димчев од Унијата за култура на Власите од Македонија.