Пендаровски: Во славна Дебрца се раѓаше слободата и државноста

0
82

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во селото Црвена Вода, општина Дебрца, се обрати на настанот со кој се одбележа Денот на издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ до македонскиот народ во 1943-та година, како и патрониот празник на општината Дебрца.

„Чест ми е да бидам со вас во славна Дебaрца. А, славна е бидејќи тука се раѓаше слободата и државноста. На овој простор била првата ослободeна територија со која управувале првите народно-ослободителни одбори како носители на народната власт. Недалеку од тука, на Славеј Планина бил формиран првиот баталјон „Мирче Ацев.“ На ова место се планирале првите поголеми диверзантски акции на македонските партизани.

Драги пријатели,

Стоиме тука, во старото селско училиште во кое, за време на Втората светска војна бил сместен Главниот штаб на народноослободителната војска. Иако во ова училиште не се одржувала настава, сепак, водачите на антифашистичка борба тука ги учеле најважните лекции.

Првата лекција била за континуитетот на борбата. Тие биле свесни дека борбата не започнала од нив, туку дека се само еден дел од долгата низа родољуби и револуционери кои се бореле за македонската слобода и државност.

Втората лекција била за соживотот. Окупаторските сили постојано се обидувале да шират омраза врз етничка и верска основа. И колку повеќе окупаторот се обидувал да го разбива единството на народот, толку посплотени станувале партизаните, меѓу кои имало Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, христијани, муслимани, Евреи и атеисти.

Третата лекција била за сојузништвото, бидејќи во истата училишна зграда била сместена и британската воена мисија што било потврда дека сме дел од големата антифашистичка коалиција.

Свесни за овие три лекции, членовите на Главниот штаб, тука, во Црвена Вода, во оваа училишна зграда ги носеле стратешките одлуки и ги пишувале клучните документи што го определија правецот во кој ќе се движи судбината и иднината на нашиот народ.

Денеска сме заедно во Црвена Вода за да се потсетиме на прогласувањето на најважниот од тие документи – Манифестот на Главниот штаб упатен до македонскиот народ. Тој е важен не само затоа што е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница „Гоце Делчев“, сместена токму тука, туку и затоа што во себе ги содржи трите лекции за континуитетот, за соживотот и за сојузништвото.

Овој документ ги поврзува Крушевскиот и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ. Преку него Главниот штаб ги повикал старите Илинденци и младите партизани да се сплотат во народноослободителната борба.

Овој документ повикува на чување на единството меѓу етничките и верски заедници што е зацврстувано преку заедничката антифашистичка борба. Бидејќи токму единството на различните ја прави слободата не само возможна и одржлива, туку и вистински вредна за живеење. Во знакот на тоа единство, Манифестот бил преведен и печатен и на албански јазик.

И конечно, Манифестот го потврдува местото на македонскиот народ во големата антифашистичка коалиција. Ние денес имаме своја суверена и независна држава токму затоа што во Втората светска војна бевме на вистинската страна на историјата.

Но, овој Манифест не само што даде јасна и конкретна програма за текот на борбата, туку и ги исцрта контурите на идното уредување на македонската држава како рамноправна република во тогаш заедничката федерација. Формулациите на Манифестот се преточени во речиси сите државотворни документи донесени на Првото заседание на АСНОМ, од Прогласот, па се до Декларацијата за основните права на граѓанинот. Затоа, денеска со право можеме да кажеме дека и АСНОМ-ските документи се инспирирани и подготвувани токму тука, во Црвена Вода.

Македонските граѓани го прифатиле овој Манифест со воодушевување. Од ден на ден, македонската народноослободителна војска се зголемувала, непријателот се повлекувал, а слободните територии се проширувале. Се до конечното ослободување на нашата заедничка татковина.

Драги сограѓани,

Црвена Вода е изворот на нашата слобода и државност. Патот до Прохор Пчињски минуваше низ Црвена Вода. Но, и покрај тоа, Црвена Вода долги години беше неправедно запоставена. Поради негрижа, едно од најважните скалила на нашата слобода и државност беше редовно прескокнувано.

Но, вие, мештаните и борците не дозволивте Црвена Вода да падне во заборав. Вие самоиницијативно, грижливо и одговорно со децении го чувате споменот за судбоносните настани што се случувале тука. И затоа во името на сите македонски граѓани ви благодарам. Воедно и ви благодарам што ме поканивте да бидам денеска со вас. За мене нема поголема чест од тоа да бидам првиот Претседател на државата што учествува на одбележувањето на овој важен ден на прогласувањето на Манифестот.

Државата мора да покаже грижа за Црвена Вода, и овој голем ден, 3 октомври, да го вброи во трајниот календар на значајни настани во Северна Македонија.

Прославувајќи го 3 октомври тука, ние го издигнуваме Манифестот на неговото заслужено место во нашата историја. Истовремено се потсетуваме на главната порака од Манифестот – дека слободата, правдата, еднаквоста можат да се постигнат само преку единство меѓу сите граѓани, независно од етничката, верската, идеолошката, социјалната или генерациската припадност. Затоа што денес, во очекување на нашето членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со Европската Унија, нам и те како ни е потребно тоа единство. Така ќе покажеме и ќе докажеме дека и ние сме ја научиле лекцијата на славната антифашистичка генерација“-рече претседателотв Пендаровски.