Пендаровски: Партиските лидери го реафирмираа европскиот пат на Северна Македонија

0
123

Лидерите на политичките партии присутни на денешната средба што се одржува во вилата „Водно“ искажаа јасен државотворен капацитет и стојат зад идејата Северна Македонија што поскоро да ги почне пристапните преговори со ЕУ, изјави вечерва иницијаторот на средбата, претседателот Стево Пендаровски.

– Ниту еден од нив не испушти да каже дека ова е единствениот пат по кој треба да оди Република Северна Македонија сега и дека не постојат никакви алтернативи на тој пат, нагласи Пендаровски.

Пендаровски потенцира дека сите лидери присутни на средбата рекле „не“ на какви било алтернативи на полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ и се обврзале независно кој и да е на власт или во опозиција, сите да работат за побрзо приклучување на земјата во Унијата.

Шефот на државата информира дека средбата ќе продолжи со расправа по предлогот на премиерот Заев за одржување на брзо предвремени парламентарни избори.