ПРАТЕНИЦИТЕ ИЗГЛАСАА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

0
116

Власта во 5 минути до 12 часот го менува Законот за да им ги зголеми платите на вработените во јавниот сектор за 5 насто, како што вети лани. Државните институции чекаа денеска да поминат измените во Собранието за да ги исплатат септемвриските плати.

Парите беа обезбедени во буџетот, но немаше законски основ за новото зголемување. Дали Владата заборави да го смени Законот, па во нивно име тоа го направија група пратеници од власта? Министерката за финансии вели дека станувало збор за административни пречки.

Од Министерството за труд и социјална политика, кои ја носат законската регулатива за платите, велат дека тие на време ја почнале процедурата.

„МТСП го подготви законот и го испрати во Владата на крајот на јули, а Владата го усвои првата недела од септември, по што веднаш беше испратен во Собранието.“

Групата пратеници по скратена постапка го предложија законот за повисоки плати, зашто како што велат, процедурата во Собранието заглавила поради ребалансот, па јавната администрација ќе останела без ветеното зголемување.

Повисоките плати на вработените во јавната администрација повлекуваат дополнителни 10.2 милиони евра од буџетот до крајот на годината. За целата оваа 2019 година за плати на администрацијата ќе бидат потрошени 460 милиони евра, што е за 25 милиони повеќе од лани. Сумата е зголемена поради повисоките плати, но и поради новите вработувања во јавниот сектор, кој од година в година е се поголем. Но критиките и незадоволството од услугите што администрацијата им ги дава на граѓаните и на компаниите не се намалува.

Извор 24 вести