СДСМ пред Нова година ќе избира кој ќе го замени Заев

0
69

Владата денеска ќе одржи редовна седница која е прва по самитот во Брисел каде Македонија доживеа неуспех, за добивање зелено светло за отпочнување на преговори за влез во ЕУ.
На „Илинденска“, како што соопштуваат соговорници оттаму, главно, останува сè по старо во наредните околу два и пол месеци, односно до почетокот на следната година, кога премиерот Зоран Заев ќе се повлече од функцијата, пишува Независен.

Владејачката партија СДСМ пред Нова година ќе избира нов премиер, кој ќе ја води државата 100 дена пред изборите закажани за април

Во јавноста веќе излегоа неколку имиња за кои се шпекулира дека ќе седнат во премиерската фотелја до предвремените избори, но во владејачката СДСМ допрва ќе се прават консултации кој ќе ја предводи Владата во првите сто дена од 2020 година, односно во деновите пред гласањето на 12 април. Како еден од најсериозните кандидати иако многумина сметаа дека ќе биде Радмила Шеќеринска, сепак е Оливер Спасовски министерот за Внатрешни работи, но вчера во јавноста излезе и веста од партиски извори на СДСМ, дека е одлучено сегашниот Генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, да седне на оваа позиција.

Треба да се донесе одлука и кој ќе ги заземе заменик-министерските позиции со право на вето во Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, каде што министрите ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува СДСМ пред новогодишните празници да донесе одлука кој да го замени Заев на премиерското место во периодот на предизборието.

По лидерската средба, Заев соопшти дека предложил изборите да се одржат на 22 или на 29 декември, за да не се загрози процесот на зачленување на земјава во НАТО. Но тој предлог бил одбиен од опозицијата, со образложение дека треба да се запази рокот од сто дена за формирање на пржинската влада.

– Демотивацијата што ЕУ, преку една земја членка успеа да ја вгради овде во нашите души, нема да не обесхрабри да го продолжиме тој пат. Ние веруваме во европските вредности, веруваме дека нашиот народ од сите етнички заедници заслужува да биде европски народ, кој ќе ги живее истите европски вредности што ги живеат граѓаните на модерните западноевропски земји – изјави Заев.