омисијата за општествени дејности при Општина Велес, денеска покрена иницијатива за прибирање предлози за доделување на Деветтоноемвриски признанија и наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2019 година.
Како што информира Максут Бакиовски претседател на Комисијата за општетствени дејности, признанијата 9-ти Ноември се доделуваат на поединци, органи, организации, граѓански организации и заедници, а чие дело и постигнати резултати се од значење за Општина Велес и нејзината афирмација во земјата и светот.
– Неопходно е кандидатите за Деветоноемвриски признанија, делото за кое се предложени да го афирмирале во јавноста. Предложениот кандидат да е жител на Општина Велес или тематски неговото дело да е поврзано за Општина Велес- појаснува Бакиовски.
Наградата за животно дело „Гемиџии“ се доделува на поединци за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес во државата и надвор од неа.
Предлози за доделување на 9-то Ноемвриски признанија и награда за животно дело „Гемиџии“ можат да поднесуваат градоначалникот, Комисијата за општествени дејности, член на Советот на Општина Велес, органи, организации, политички партии, здруженија на граѓани и поединци.
Предлозите треба да бидат образложени и да се достават до Совет на Општина Велес, со назнака за Комисија за општествени дејности на улица „Панко Брашнар“ број 1 Велес или лично најдоцна до 1 ноември 2019 година.
Наградите и признанијата на годинашните добитници ќе им бидат врачени на свечена седница на Советот, а по повод Денот на ослободување на Велес, 9 Ноември.