Синоќа Скопје петтиот најзагаден град на планетата

0
88

Ќумбињата и котлите кои деновиве се употребуваат за затоплување причина концентрацијата на ПМ10 честичките повторно да биде над максимално дозволеното ниво. По рекордите на загаденост во Куманово, скопјани денеска се разбудија во петтиот најзагаден град во светот.

Просечната концентрација на штетните ПМ10 честичките во главниот град утринава изнесувала 158 микрограми на кубен метар, што е три пати над дозволеното. Друштво на Скопје во „црната“ листа денеска му прават и два главни градови од Балканот – Белград на четвртото и Сараево на третото место по загаденост со 169 односно 179 микрограми ПМ10 честички.

Продолжуваат и маките со дивите потпалувачи на депонии чиј црн чад и смрдеа ги гуши жителите на многу скопски општини. Вчера на социјалните мрежи осамнаа нови фотографии од запалена депонија во Бардовци на која се гори секаков шут, меѓи кои пластика и автомобилски гуми, кои при согорувањето во амбиенталниот воздух, односно овој кој го дишеме испуштаат буквално отров.

Критично е и на Шар Планина, шумската вегетација гори а чадот се спушта кон Тетово и Гостивар. Тетовската полиција веќе приведе 44-годишен маж. Сакал да прави скара и запалил оган, но за несреќа тој се проширил со што уништил голема површина сува трева.

И додека се чекаат надлежните институции да преземат конкретни активности за да се спречат овие немили појави, последната надеж граѓаните ја гледаат во попогодна временска прогноза. Во сонцето ќе се ужива уште денес и утре, а од среда ќе се носи потопла облека – метеоролозите алармираат на нагло заладување и поројни дождови со температури пониски и за 10 Целзиусови степени.