Средба Џафери-Заниер: Земјата е на добар пат да ги исполни одредбите на ОБСЕ

0
126

Собранието на Република Македонија останува отворено за соработка со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ во поглед на остварувањето на заедничката цел – градење соживот и унапредување на меѓуетничката интеграција и толеранција во земјава, истакна претседателот на Парламентот Талат Џафери на средбата со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Ламберто Заниер, кој е во посета на земјава.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери нагласи дека во Република Македонија високо се цени константната соработка и ангажманот на високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ. Тој оцени дека земјата е на добар пат во целост да ги исполни одредбите на ОБСЕ, иако сè уште постојат одделни негативни перцепции, особено на ниво на локалните самоуправи.

Џафери, се додава, нагласи дека, Собранието на Република Македонија од 1993 година активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, а во 2016 година беше домаќин на 15. есенска сесија на ова меѓународно собрание. Тој информираше дека Собранието тесно соработува и со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога. За интензитетот на соработката меѓу Собранието на Република Македонија и ОБСЕ, говори бројот на остварените средби со високи претставници на оваа Организација во изминатиот период.

Високиот комесар Заниер, пак, нагласи дека за ВКМН работата со парламентите е од големо значење. Тој истакна дека неговата посета на Република Македонија е по повод промоцијата на Стратегијата „Едно општество за сите и интеркултурализам” и оцени дека, истата преставува позитивен концепт, изграден врз цврстите основи на Охридскиот рамковен договор. Потребни се дополнителни чекори за целосна интеграција во општеството, а Високиот комесар ќе ја охрабри Владата да ги вклучи сите заинтересирани страни во спроведувањето на Стратегијата. Тој информираше за средбите одржани во рамките на посетата, при што како позитивен го оцени новиот начин на интерпретација на политичките процеси во земјата.

Високиот комесар за национални прашања, се посочува, истакна дека ги следи меѓуетничките односи во целиот регион на ОБСЕ и заклучи дека, иако не постои идеален модел, во многу земји постојат добри примери. Тој нагласи дека реформите во образовниот систем во Република Македонија ќе останат во неговиот фокус, со оглед на значењето на инклузивното образование во развојот на идните генерации. Истовремено, Заниер изрази поддршка за активната улога на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, укажувајќи дека ВКНМ тесно соработува со овој меѓупарламетарен форум.

На средбата стана збор, се додава, и за интеграциските процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО, при што Високиот комесар Заниер изрази надеж дека очекуваната одлука од Советот на ЕУ ќе биде во вистинската насока за стабилноста на земјата. Започнувањето на преговорите со ЕУ, според Заниер ќе претставува можност за адресирање на сите отворени прашања во општеството.

Соговорниците изразија уверување дека и во иднина ќе продолжи плодната соработка меѓу Високиот комесар за национални прашања на ОБСЕ и институциите на Република Македонија, стои во соопштението. /МИА