Ќе се уредуваат излозите на 97 дуќани во Старата скопска чаршија

0
147

Министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу денеска го потпишаа договорот за Проектот за уредување на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија со фирмата изведувач „Конструктор“ ДОО од Скопје. Од буџетот на Министерството за економија за реализација на овој проект се издвоени 9,7 милиони денари, а од буџетот на Општина Чаир вкупно 1,7 милиони денари за обновување на излозите на 97 дуќани во Старата скопска чаршија.

Бектеши соопшти дека Општина Чаир се пример како треба да соработуваат локалната и централната власт за да се реализираат конкретни проекти во интерес на граѓаните и туристите, како домашни, така и странски.

– Ние сме целосно посветени за да го вратиме ликот на Чаршијата, а со тоа секако ќе го зголемиме и обемот на работата на дуќанџиите, а и бројот на туристи во оваа многу атрактивна локација не само за Општина Чаир, не само за Градот Скопје, но за Северна Македонија, рече Бектеши.

Министерството за економија во минатите години успеа во две фази да уреди 49 објекти во Блокот 3.2 во Старата скопска чаршија. Обезбедени се средства за уредување на уште 97 објекти во Старата скопска чаршија. За сите објекти Министерството за економија веќе обезбеди согласности од надлежните институци, од Министерство за култура, Национален конзерваторски центар.

Градоначалникот Ганиу рече дека со реализацијата на овој проект се докажува јасно посветеноста на институциите за оживување на културниот и туристичкиот живот во ова место кое секој ден ги соединува нашите граѓани.

– Проектот во третата фаза опфаќа санирање на излозите на 97 дуќани во вкупен износ од 11.400.000 денари, сума обезбедена во партнерство со Министерството за економија. Реализацијата ја почнуваме уште веднаш со денешното потпишување на договорот со компанијата „Конструктор“ ДОО која беше избрана по законски спроведената јавна набавка, истакна градоначалникот Ганиу.

Се очекува дека до крајот на годината да бидат обновени сите 97 излози опфатени со овој проект.