Три празни места во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција зјаат празни. Пет, пак, во скопското Вишо јавно обвинителство. Поранешните обвинители на Специјалното јавно обвинителство сега се вратени во матичните обвинителства, односно на стартни позиции, иако и понатаму гонат организиран криминал, односно ги продолжуваат предметите и истрагите кои ги отвори СЈО. Тие не работат на предмети од нивните матични обвинителства каде се вработени, фокусирани се на судските и истражните предмети. Шефот на републичкото обвинителство, Љубомир Јовески изјави дека се постапува по сите предмети и истраги од СЈО.
– Во моментот не работат на други предмети, со цел да бидат ослободени од другите предмети за да можат да се посветат на предметите кои дотогаш ги ги работеле, но ова не значи дека во наредниот период нема да им се доделат и други предмети – изјави државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Тука се поставува прашањето, зошто по искуството на овие обвинители со гонење на организиран криминал, тие повторно ќе се вратат на предмети кои ќе се доделуваат и на новите обвинители кои се без искуство? Во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде шефува Вилма Русковска, возможно е да се ангажираат само три обвинители од поранешното СЈО. Но, прво треба да се направи анализа на нивната работа, изјави претседателот на Советот на јавните отвинители, Ацо Колевски. Според него, нема пречка да објават оглас и да ги пополнат празните места во организиран криминал.