Внимание: Срча до колена, дебатираа Шилегов и Трајановски!

Долгиот телевизиски дуел (Канал 5) помеѓу актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов и бившиот градоначалник Коце Трајановски е еден од оние медиумски настани од кои немате апсолутно никаква корист, освен да задоволите еден примитивен, сеирџиски нагон, како кога гледате кафеанска тепачка од удобноста на вашиот семеен тросед. Срча до колена, а и половина од инвентарот ќе мора да се обновува.

Го видовме Коце каков што го памтиме: крут, здодевен, интелигентен апаратчик, вреден извршител на налози од „повисоката“ власт, со урбани визии кои прилегаат на надежен раководител на претпријатие за асфалтирање улици.

Го видовме и Петре каков што го знаеме: арогантен, ситничав, лаконски политички циник кој, во меѓувреме, се фатил за работа, што резултира со компетентност за детали од ресорот што го води, но без градоначалничка харизма за ширење инспирација соодветна на еден модерен главен европски град.