Државна помош за поголеми плати од следниот месец?

Иако требаше да почне овој месец, сепак, законот за субвенционирање на придонесите за сите газди што ќе ги зголемат платите на работниците до 100 евра сѐ уште не е изгласан. Владините служби го доставиле до Собранието, ќе се гласа по итна постапка, на 5 ноември, но подзаконските акти ќе се донесат во рок од 15 дена. Ова значи дека работниците не можат да добијат повисоки плати во ноември, бидејќи во пресметките за плата, дури по стапувањето во сила, ќе се обезбеди посебна графа за ослободување од придонеси за пензиско и здравствено осигурување.

– Од ова се гледа колку на Владата ѝ е важна економијата. Очигледно на политичарите не им е толку битна економијата, туку битни им се други работи. Законот, ако го читате, вика ќе се применува од ноември, или за плата за октомври, а октомвриска плата се исплаќа од први до десетти. Ако се задоцни во Собрание, тогаш, сакале или нејќеле, ќе мора да е од ноемвриска плата или од први декември – изјави Ангел Димитров од Организација на работодавци.