Обвинителство : Спорната парцела во општина Центар согласно договорот била платена за 6.150 денари/м2

Наведените кривични пријави се однесуваат на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата Никофон ДООЕЛ по пат на електронско јавно наддавање. Кривичната пријава беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ за да бидат поткрепени наводите.

По приемот на кривичната пријава и по анализа на наводите во неа, јавниот обвинител, согласно Законот за кривична постапка, презеде голем број дејствија за да се направат неопходните проверки врз основа на релевантни писмени и вербални докази.

Па така, беа испитани нотарот пред кого беше солемнизиран договорот за отуѓување на земјиштето, претставник на Министерството за транспорт и врски, двајца претставници од Општина Центар, претставник на купувачот Никофон ДООЕЛ, претставник од Стопанска банка АД Скопје каде бил подигнат кредитот, како и претставник на Државното правобранителство.

Воедно, секој од испитаните, од страна на надлежниот јавен обвинител, беше задолжен наводите во своите искази да ги поткрепи со дополнително поднесени писмени докази, во рамките на надлежностите во кои постапуваат институциите и правните лица за кои се јавуваат како претставници, а со цел да се утврди хронологијата и динамиката на кривично-правниот настан.

Така, вториот испитан претставник на Општина Центар на записник беше задолжен да достави документација за поткрепа на главниот навод во пријавата – дали се преземени мерки по истекот на договорниот рок од издавањето на одобрението за градба. Притоа, претставникот на општината достави делумно појаснување со тоа што презеде обврска да го извести Обвинителството откако конечно ќе заврши постапката по одобрението за градба која беше во тек. Но, такво известување од Општината до овој момент не е доставено до Обвинителството.

При вака неисполнета обврска од страна на претставникот на Општина Центар, Обвинителството не можеше во целост да ја утврди фактичката состојба на пријавениот настан, па предметот се уште е во фаза на предистражна постапка и не е донесена јавнообвинителска одлука.