Ружа на ветрови ја сокрила хаваријата во Охис, тврди инспекторот

Во понеделник направено, но досега не е доставено повтореното испитување на воздухот од страна на АБХО единицата на АРМ. Не го добил ниту инспекторатот, а фирмата писмено го барала од Генералштабот. Бројките ќе се знаат, но тоа истражување нема да открие каде исчезнале 11 тони метил акрилат мономер. Според пописот во Охис од пред повеќе деценија толкава количина имало во цистерната која ја предизвика петочната хаварија во некогашниот скопски гигант.

Мистеријата не се решава со истрага туку со претпоставки.

Колку навистина имало метил акрилат во Охис не знае ниту сопственикот на фирмата Еуроцентар која за речиси 2 милиони евра треба да го исчисти Охис од опасен отпад. Владо Момировски ни потврди дека пишувало 11 тони, но тие при проверките ја нашле празна цистерната. Претпоставките се дека или испарило или сметководствено е ставена таа сума за да не излезе дека некој крадел од Охис. Пописот преку кој го добиле тендерот не бил точен, имало повеќе хемиски соединенија отколку што се наведени во документацијата, имало грешки во количина на хемиски супстанци, имало непознати материи кои испитувале за да видат колку се штетни.