Со „Црниот петок“ започнува божиќната сезона на купување во САД

Петокот по Денот на благодарноста е традиционално еден од најважните денови за купување во годината. „Црниот петок“ се смета за почеток на сезоната на празници, време кога американските трговци остваруваат значителен дел од годишниот профит.

Многу продавници нудат големи попусти со цел да привлечат што повеќе потрошувачи. Купувачите пак често уште во текот на ноќта спроти „Црниот петок“ чекаат пред продавниците за да влезат први и да купат што повеќе производи пред залихите да се потрошат.

„Мислам дека тоа е многу добар продажен трик“, вели Џејмс Е. Шрегер, професор по претприемништво на Школата за бизнис на Универзитетот во Чикаго. „Трговците на мало се грижат кога ќе го привлечат клиентот во својата продавница за оваа огромна сезона на купување да му го покажат она што го нудат.“