Сугаревски: Апсолутно му верувам на Заев, како Влада направивме многу на сите полиња

0

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески  во „Стадион“ на Радио Канал 77 вели дека и покрај критиките реализацијата на капиталните проекти во овој ресор е одлична – 63 отсто, а до крајот на годината процентот значително ќе се зголеми.

На прашање дали му верува на премиерот Зоран Заев, Сугарески одговори:

– Со самото тоа што сум член на македонската Влада, апсолутно му верувам. Како Влада на сите полиња направивме повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 11,5 години. За целиот тој период, на пример, тие реконструираа 650 километри патишта, а СДСМ за една година и четири месеци – 500 километри. Пругата Битола – Кременица ја направивме за една година, фали уште оптички кабел за да биде пуштена, а за Куманово – Бељаковце направивме 40 отсто повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за четири години.

На прашањето кога, конечно, СДСМ ќе реализира свој проект, не само да работи на тие што ги почнало ВМРО-ДПМНЕ, Сугарески, забележа дека, иако претходната власт се фалела со многу завршени проекти, многу работи оставиле на почеток или средина, како на пример автопатот Миладиновци – Штип, кој го оставиле 50 отсто недовршен, со столбови среде автопат.

Лилјана Затуроска пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, претседателка на собраниската Комисија за транспорт и врски, за Сугарески рече дека додека бил во Парламентот, бил репер за добар опозиционер, но сега како власт е е сосема поинаку.

– Ако се гради, се гледа, ако не се гради, пак се гледа. Затоа, нека се фатат за работа. Тоа што било направено во минатото треба да се признае и, каде што треба, да се продолжи. Да има континутитет во целата работа – рече Затуроска.

Имаше прашања и за тоа до кога од возачите ќе се наплатува патарина на патишта кои не се автопати, односно немаат три ленти во еден правец, како Скопје – Велес и Тетово – Гостивар, зошто и кон Бугарија не се гради автопат туку само експресен пат, кога ќе започне и заврши изградбата на автопатот Скопје – Блаце…

– Кон Бугарија се работи на експресни патишта до Деве Баир. Треба сериозно да се разгледа можноста тоа да биде и автопатско поврзување во иднина. Патот Скопје – Блаце е краток и ќе биде направен, тој е еден од врвните приоритети на Владата – истакна Сугарески.

Министерот зборуваше и за евентуалната промена на датумот за избори.

– Никој не бега од избори. Заев на заедничката средба на партиите дури предложи и брзи избори на 22 или на 29 декември, но договор падна за 12 април. Сепак, сега треба да се ратификува Протоколот за НАТО во Холандија и во Франција. Ќе остане само Шпанија. Таму избори ќе има на 10 ноември, па треба да се формира влада, а потоа да следува ратификацијата во парламентот. Да не дојдеме во ситуација кога сите 29 земји-членки на НАТО ќе го ратификуваат, ние да не можеме ако во тој момент бидеме без парламент – рече Горан Сугарески.