Трагедијата на Македонците во Граѓанската војна во Грција тема на научна конференција

Граѓанската војна во Грција 70 години по нејзиното завршување за првпат беше тема на научна конференција на теми поврзани со Македонците по потекло од Грција. Темата „Македонија: Историја, јазик култура“ обедини трите институти – за социолошки и политичко-правни истражувања, за македонски јазик и за историја, научно да се осврнат на драмата кој ја преживеале Македонците од Грција.

Професорот Петар Атанасов од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања истакна дека конференцијата има три главни цели.

– Да се осврнеме уште еднаш на богатата историја, но пред се на драмата што Македонците од Република Грција ја доживеаја пред 70 години и да разговараме на ниво на науката, на теоријата, да разговараме и да истражуваме што било, како било за идентитетот, за историјата, за бегалската криза. И пред се, сакаме да оставиме запис за идните генерации овие теми да ги елаборираме, да разговараме, да пишуваме за нив затоа што е важен дел од нашата историја, рече проф. Атанасов.