„Шокот од Брисел за датумот за преговори е повик за будење на политичарите“

0
116

На Северна Македонија местото ѝ е во Европската унија, затоа што таа се наоаѓа во срцето на Европа и тука природно припаѓа. Членството во Унијата е добро и за земјата, но е и во интерес на ЕУ, порачаа учесниците кои се обратија на отворањето на Третиот Македонско-германски форум: „Перспективите за проширување по Европскиот совет? Улогата на Собранието во пристапниот процес на Севeрна Македонија и релациите со Европскиот парламент” што се одржува денеска во Скопје.

Затоа, како што рекоа, треба да се продолжи на истиот пат, да се засилат реформите и така да се убедат и оние кои мислат дека местото на земјата не е во Унијата. Во спротивно, неприфаќањето на земјата во ЕУ, значи оставање поле за дејствување на туѓи моќници.

„Шокот од Брисел можеби е повик за будење на политичарите, за да делуваат и уште повеќе да креираат добри политики кои ќе помогнат во решавање на проблемите на граѓаните особено во делот на образонванието, здравството и правосудството“, рече претседателката на организацијата на жените на Европската народна партија, Дорис Пак.

Таа смета дека ЕУ не смее да си дозволи во земјава и во цела ЈИЕ да остави простор и поле за игра на туѓи моќници. Од интерес на ЕУ, вели таа, е да го исполни своето ветување.

„Тоа не е проширување, туку опфаќање и прифаќање на оние кои веќе и онака се сред Европа. Тоа треба нам да ни биде јасно и ние на нашите гласачи дома да им објасниме“, рече Пак.

Јохаес Д. Раи од Фондацијата „Конрад Аденауер“ смета дека негативниот одговор за почетокот на преговорите не може и не смее да ја фрустрира земјата.

„Кризата некогаш е продуктивна состојба, едноставно само треба да го загубиме чувството дека тоа е катастрофално. Сите знаеме дека во секоја криза се крие и шанса. Мора само да ги научиме вистинските лекции и заклучоци“, рече тој.

Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих, пак, причината за недоделувањето датум за почеток на преговори не ја гледа во Македонија. Одлуката, според него, е поради расположението на граѓаните во земјите на ЕУ, кои потоа на таков начин ги принудуваат нивните лидери да повлекуваат вакви потези.

„Убедени сме дека се исплати на Северна Македонија да ѝ се даде европска перспектива. Германија и натаму ќе ја поддржува Северна Македонија на пат кон ЕУ, како и досега. Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги интензивира своите реформи и со тоа ќе ги разубеди сите оние кои можеби сметаат дека на земјата не ѝ е местото во ЕУ“, рече тој.

Попретседателот на Собранието и пратеник Горан Мисовски истакна дека нема да се дозволи во земјава да надвладее песимизмот по негативната одлука од Самитот во Брисел.

„Нашиот пат останува непроменет. Нема друга алтернатива освен интеграцијата во европското семејство каде вистински припаѓаме. Затоа нашите заложби и секојдневна работа ќе продолжат во истата насока. Наша должност е да обезбедиме безбедна, силна и стабилна држава во која сите ќе живеат добро“, рече Мисовски.