Ангеловска го замрзна прогресивниот данок на Тевдовски

0
93

Министерката за финансии Ангеловска го врати назад рамниот данок замрзнувајќи го прогресивното оданочување што го воведе нејзиниот претходник Тевдовски.

Токму со „праведниот данок“ на Тевдовски, богатите требаше да плаќаат повеќе за да се намали социјалната нееднаквост кај народот, но тој сега се става во мирување 36 месеци, односно до јануари 2023 година. Тоа практично ќе значи дека од наредната година во земјава наместо прогресивно оданочување ќе има рамен данок од 10 проценти за сите приходи.

Правичното оданочување како реформа беше дел од изборната програма на СДСМ, но за Ангеловска нема ништо спорно што практично како нов министер го враќа на сила рамниот данок кој беше главен адут на претходната власт на Груевски.

“Не се согласувам дека значи враќање на рамниот данок. Во законското решение ќе остане моменталниот прогресивен данок”– рече Ангеловска.

Од наредната година граѓаните кои имаат плати над 90.000 денари нема да се даночат со 18 проценти како што е сега, туку со 10.

Се враќа старото законско решение и за приходи од закуп. Наместо да се плаќа данок од 15 проценти ќе важи рамниот данок од 10 проценти.

Иако од следната година требаше се плаќа данок на капитални добивки тоа нема да случи, а нема да се даночат ниту каматите на штедните влогови.

По острите реакциии во јавноста Владата се премисли и за прагот со кој се станува ДДВ обврзник.

Така наместо сегашната сума од 1 милiон денари, од наредната година ДДВ обврзници ќе станат сите кои имаат приходи од над 2 милиони денари.

Според Ангеловска, даночната реформа на Тевдовски не ги дала очекуваните ефекти.

„Прогресивниот и повисок данок на доход направил незначителен ефект во подобра распределба на доходот кој се мери во помалку од 1 процентен поен подобрување на нееднаквоста. Второ она што е уште поважно резултатите ги потврдија некој од предупредувањата. Едното е дека некои даночни обврзници без оглед дали индивидуи или цели фирми ги нема во систем. Можеби одлучиле да се префрлат во некој друг даночен систем кој им нуди подобар даночен третман или услови. Другото е дека некои даночни обврзници одлучиле дел од своите доходи да ги префрлат на други лица со цел да не го надминат прагот за плаќање на прогресивна даночна стапка и со тоа направиле фиктивно подобра распределба. – рече Ангеловска.

Кратко откако актуелната министерка ги соопшти нејзините одлуки, со остра реакција на социјалните мрежи се јави екс министерот Драган Тевдовски. Ги повика пратениците од СДСМ да размислат пред да гласаат.

„Пратениците од СДСМ пред да глассаат за ова да помислат дали се за бришење на социјалдемократски од името на СДСМ посебно од луѓе кои немаат врска со СДСМ.“- Драган Тевдовски.

Според анализите што претходно ги правеше Министерството за финансии и кои што се уште стојат на нивниот сајт, Македонија е рекордер во Европа по социјална нееднаквост, а главна причина за тоа е рамниот данок.

Како аргумент посочуваат нееднаквоста се зголемува од 2007-та година кога е воведен рамниот данок.