Граѓански протест за чист воздух во Кочани

0
75

Загаденоста на воздухот и деградирањето на животната средина беа причина денеска во Кочани да се одржи мирен протест, што го организираше неформално граѓанско движење, а на кој присуствуваа поголем број жители на градот и околните населени места.

На протестот беа изнесени податоци за високото ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, а како причинители беа наведени индсутриските капацитети, градската депонија и палењето на сламата и стрништата на земјоделските површини. Притоа, од надлежните институции беше побарано да преземат конкретни мерки за подобрување на состојбата и санкции за прекршителите.

– Крајно време е да се избориме за правото да дишеме воздух во кој секојдневно се испуштаат штетни материи што го загрозуваат нашето и здравјето на најмладите. За лошата состојба се заинтересираа и еколошки друштва од Холандија и Швајцарија кои ни донираа мерни инструменти, така што имаме конкретни податоци за состојбата на дневно ниво. Пред два дена меревме кај фабриката за хартија од чиј оџак излегува црн чад и добивме резултат од 360 единици, иако дозволеното ниво не треба да надминува десет, што се фрапантни бројки. Дојдовме до сознанија дека околу 80 отсто од граѓаните кои бараат лекарска помош се жалат на респираторни проблеми, а сето тоа е резултат на нечистиот воздух. Проблем е и палењето на стрништата и сламата, но и чадот што секојдневно изллегува од јавната депонија во близина на градот. Затоа бараме итни мерки тоа да се стопира и да го оствариме основното човеково право на чист воздух, истакна Орце Николов, претставник на граѓанското движење од Кочани.