Загадувањето на животната средина ќе се третира како безбедносен ризик

0
77

Загадувањето на животната средина во земјава ќе се третира како безбедносен ризик за државата и за истото ќе се дискутира на Советот за безбедност кај Претседателот на државата. Состанокот ќе биде следниот месец, а оваа тема ќе дојде на ред откако екологисти и невладини тоа го побараа од Пендаровски. Тие денес околу еден час беа на гости во вилата на Водно лично да кажат што бараат што очекуваат од него во борбата со загадувањето.

Претседателот Пендаровски на состанокот со екологистите кажал дека РЕК Битола ќе добие А-интегрирана дозвола следниот месец. Свесен дека неговата функција му носи ограничени ингеренции, тој сепак ќе се залага за поголем буџет за борба со загадувањето на животната средина и ги поддржал некои од идеите што ги слушнал.

  • Претседателот ќе ја застапува идејата за зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина со цел да се приближи кон просекот на земјите-членки на ЕУ. Ќе даде и поддршка за создавање на национален фонд за заштита на животната средина, соопштија од Кабинет на Претседателот.

Невладините организации, повеќе од дваесет на број, пред две недели потпишаа писмо во кое побараа Претседателот на државата да се вклучи во решавање на загадувањето. Тие дадоа идеја и Армијата да патролира, на што Пендаровски одговорил дека тоа е задача само на полицијата.