Камчев бара нов привремен пасош-претходниот што му го даде Јанева му истекува утре

0
76

Орце Камчев кој е осомничен во случајот „Империја“ бара од судот нов привремен пасош, бидејќи утре му истекувал претходниот, со траење од 6 месеци, што го доби од поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

Во барањето тој навел дека му треба за патување на закажани бизнис состаноци надвор од земјава. За барањето на Камчев ќе одлучува обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот Империја и по преземањето на предметите на СЈО од страна на ЈО.

Обвинителката Стефанова за ТВ 24 потврди дека барањето на Камчев е кај неа и најави дека доколку е потребно ќе се обрати и во Републичкото обвинителство, пред да се испрати одговорот до судот.

Позитивното мислење го потпишала тогашната обвинителка во СЈО и заменичка на Јанева, Елизабета Јосифовска, бидејќи Јанева тогаш била на одмор. Таа во август во екот на аферата Рекет изјави дека кај неа стигнало готово мислење од Јанева, изготвено од соодветни стручни соработници, при што и било кажано дека е по налог на Јанева.

Јанева претходно потврди дека дала одобрение да му биде вратен пасошот на одредено време на бизнисмениот Орце Камчев бидејќи тој требало да учествува во некој управен одбор во странство, но не прецизираше каде.

Јанева е второобвинета во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба, и се наоѓа во притвор во Шутка, во кој првообвинет е Бојан Јовановски кој заедно со Зоран Милески се обвинети дека тргувале со влијание-односно за еден ипол милион евра му ветувале на бизнисменот Камчев ослободување или олеснување на околностите во врска со истрагата за „Империја“ што  тогаш ја водеше СЈО на чело со Јанева.

Истрагата од минатиот месец се прошири на уште четири лица, за перење пари, измама и помагање во измама . Меѓу новоосомничените е и потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, почесен претседател на Меѓународниот сојуз, потпретседателката на овој Сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски,  Христина Блажевска и Бојан Јовановски кој е осомничен за нови кривични дела.

Камчев и екс директорот на УБК Сашо Мијалков во „Империја“ се осомничени за перење пари, на штета на државата, а во своја корист, и сомнежот е дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра. Под лупа на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.