Мерко објави оглас за нови вработувањa, а општината е со блокирана сметка

0
83

Општина Струга распиша оглас за вработување на триесет нови лица, кои треба да бидат дел од локалната администрација. Се бараат помлади соработници на различни позиции – за  унапредување на занаетчиството и туризмот, унапредување и развој на угостителството, за соработка со млади, виши референти, на пример за превоз на патници, раководители на одделенија, соработници, виши соработници. Најниската нето плата која треба да ја добијат идните административци,изнесува 15.843 денари, а највисоката 30.076 денари. Сето ова доаѓа во време кога општината е со блокирана сметка уште од 2010 година а долгот е 5,5 милиони евра.

Два дена откако е објавен конкурсот за нови 30 вработувања во општината Струга, од локалната самоуправа денес молк. И покрај неколкуте обиди на Алсат, да го добие телефонски градоначалникот, Рамиз Мерко, тој не одговараше на повиците.

На ова реагираа опозициските Алијанса на Албанците и ВМРО ДПМНЕ.

„Во време кога жиро сметката на општината е блокирана. Во време кога од општина се избркани административци од политички мотиви и нивната судбина е во рацете на судот. Во време кога администрацијата е веќе преполна со вработени и што е најважно во време кога политичките лидери се согласија за датум за избори, ние објавуваме оглас“, рече Имер Имери-Алијанса на Албанци.

„Не се води интерес за последниот извештај на ревизорите, каде јасно кажуваат дека општина Струга е во лоша финансиска состојба и работи со блокирана жиро сметка. Не се слуша ни струшката јавност, на која и е јасно дека нема ниту место за новите вработувања, нема столчиња за нив, а камоли работни бироа и комјутери. Секако дека ќе се партиски вработувања, затоа е и во предизборите овој оглас“, рече Мирче Аџиоски-ВМРО ДПМНЕ.