Нови политички трансфери: Координаторот за НАТО – амбасадор во НАТО

0
121

Дане Талески, актуелен национален координатор за НАТО и советник во владата е најверојатно нов амбасадор на земјава во седиштето на Алијансата во Брисел. Неговото име влезе во барабанот за пополнување на испразнетите амбасадорски места, на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања, откако беше спомнат од претседателот на Комисијата за надворешни работи Антонио Милошоски.
Талески стана национален кординатор за НАТО откако од таа функција замина Стево Пендаровски, кога беше избран за претседател на државата. Паралелно, Талески е и функционер во СДСМ, односно е секретар на партијата за меѓународна соработка. Премиерот Зоран Заев рече дека се во тек консултации меѓу МНР, владата и претседателот Пендаровски за пополнување на испразнетите амбасадорски места и дека моментно е приоритет да се пополни челното место во нашата мисија во НАТО во Брисел. Најавите се дека тоа ќе се реализира пред самитот на Алијансата во Лондон, во почетокот на декември.
Во врска со тоа дали владата планира да ги назначи за амбасадори Теута Арифи – во САД, Талески – во НАТО, Мишо Докмановиќ – во Израел и Сашко Насев во Бугарија, Заев истакна дека за две од овие имиња се разговара, а другите две воопшто не се споменуваат. Додаде дека е многу рано да дава свои ставови, појаснуваќи дека за некои од предлозите за амбасадори можеби нема да дадат дозвола МНР или претседателот на државата.
Градоначалничката на Тетово Арифи, која котира високо во раководството на ДУИ, од поодамна се спомнува како еден од кандидатите за амбасадор во Вашингтон. Таа беше видена во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН, а јавноста дозна за тоа од фотографија објавена на социјалните мрежи, на вечера на која присуствуваат и премиерот Заев и Срѓан Керим, а на покана на тетовската компанија „Еколог“.
Режисерот Сашко Насев, пак, кого Милошоски го спомна како можен амбасадор во Бугарија, веќе е во Софија како како директор на Македонскиот културно-информативен центар во оваа соседна земја. Мишо Докмановиќ е професор на Правниот факултет на Универзитетот во Скопје, каде што предава историја на правото и засега нема информации како неговото име се најде на „листата“ на Милошоски за потенцијални нови амбасадори.
Македонија околу една и пол година нема амбасадор во НАТО, ниту, пак, воен претставник, за што, пак, треба да се постигне договор меѓу претседателот и Министерството за одбрана. Наместо со дипломатски и со воен претставник, нашата земја во седиштето на НАТО веќе подолго време ја претставуваат вршители на должност. Како кадровско решение на ДУИ, минатата година во Брисел беше испратен поранешниот министер за одбрана и амбасадор Лазар Еленовски, како специјален претставник на владата во НАТО. Тој потег предизвика многу реакции во политички кругови поради конфликтите што во претходните неколку години ги имаше Еленовски со функционери на СДСМ, односно неговата матична партија.
Пратеникот Милошоски, поставувајќи го прашањето за комплетирање на македонската дипломатска мрежа, рече дека тоа било наменето за шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој не беше во собраниската сала. Затоа на прашањето одговори премиерот.
-Прашањето го поставувам и во врска со принципите што министерот Димитров ги спомна во 2017 година – дека пред избори не треба да се упатуваат амбасадори во важни дипломатски центри. Тогаш, тоа се однесуваше на Александар Николоски (потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ н.з.), за кого оваа влада одлучи, врз основа на тие принципи, да не го упати за амбасадор – истакна Милошоски.Тој го праша премиерот дали сѐ уште важат тие принципи и дали владата и нејзините коалициски партнери имаат намера во овие преостанати 60 дена до формирањето на техничката влада да ги пополнат амбасадорските места. Николовски, откако ја помина целата процедура за именување, не доби потпис од шефот на дипломатијата и не замина за амбасадор во брисел бидејќи оценката беше дека политиката што ја застапуваше тој дотогаш и која беше оценувана како антиевропска и изолаторска, се коси со политиката на СДСМ за добри односи со меѓународната заедбница.
Заев инаку одговори дека владата е посветена на избор на амбасадори за барем половина од непополнетите позиции и нагласи дека течат консултации со претседателот на државата и министерот за надворешни работи.

Пендаровски чека Заев да му испрати амбасадорски имиња

Дека консултациите во рамки на извршната власт за пополнување на испразнетите дипломатски позиции се во тек потврдуваат и од кабинетот на Пендаровски. Но, од таму велат дека до претседателот досега не стигнале конкретни предлози за амбасадори.
-Процесот за избор на амбасадори во дипломатско-конзуларните претставништва е во тек. Кабинетот на претседателот е во постојани консултации со владата и со ресорното Министерство за надворешни работи. Досега не се доставени предлозите за кадровските решенија за идни амбасадори од страна на Владата согласно законските процедури – информираат од претседателскиот кабинет. Премиерот Заев, пак, очекува дел од постапките за испраќање нови амбасадори да завршат следниот месец или во декемри, а можеби и во јануари или во февруари. Со оглед на тоа што десеттите парламентарни избори се планираат за 12 април следната година, мандатот на политичката влада на Заев би истекол на самиот почеток на јануари, кога треба да биде избрана техничка влада, со друг премиер и со двајца министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе има ли нова лидерска средба за изборите?

Околу дебатата кога треба да биде распуштен парламентот, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски потсетија вчера дека датумот за одржување на изборите бил усогласен од страна на лидерите на политичките партии на средбата кај него.
-На средбата беше дискутирано дека е потребно да се земе предвид дека откако сите НАТО земји-членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол истиот ќе треба да биде ратификуван од страна на парламентот на Северна Македонија. Во таа насока беше одреден терминот за избори во април 2020 година, во очекување дека ратификацијата од земјите-членки ќе заврши до крајот на 2019 или почетокот на 2020 година. Во однос на тоа дали парламентот ќе го ратификува протоколот пред да се распушти, ова е прашање за кое Собранието треба да треба да утврди како ќе ја толкува уставната одредба дека е во постојано заседание – велат од претседателскиот кабинет.
Оттаму посочуваат дека, доколку лидерите на политичките партии или лидерите на институциите сметаат дека се потребни дополнителни консултации, претседателот Пендаровски е отворен да биде домаќин на понатамошни средби се со цел да придонесе во одржувањето на институционалната стабилност и да се спроведат слободни, фер и демократски избори.