Одгледувањето кучиња шарпланинци, мерак и предизвик

0
198

Откако памети за себе, живее заедно со шарпланинци, вели 66-годишниот Петко Петковски од тетовско Јанчиште, кој ја има едната од двете одгледувачници на шарпланинци на ова подрачје. Иако овие кучиња се автохтони, потекнуваат и го носат името на Шар Планина, само малкумина се одлучуваат да ги одгледуваат. Петковски вели дека љубовта ја наследил од својот татко. Додека бил жив татко му одгледувале и до 15-тина „возрасни“ шарпланинци, како и кутриња.

– Кога двајца имаат мерак за работа со шарпланинците, можат многу да ги гледаат. Затоа и секогаш сме имале над десет. Тогаш сум бил и помлад, а сега има три машки, пет женки и 10 малечки шарпланинци. Меракот не може да се опише. Јас сум станувал рано за да им дадам да јадат, па потоа сум заминувал на работа. Или, на пример, доцна навечер сум се вратил од свадба, пак ми е паметот кај нив да одам да им дадам да јадат. Не ми е проблем, не ми е тешко. Меракот си го прави своето, вели Петко Петковски.

Многу време и труд треба за кучињата, зашто и ним им треба одржување хигиена.

– Треба да ги чистиш, да ги чешлаш, кога се митарат, женските двапати годишно и кога ќе се окучат. А машките еднаш годишно се митарат. Тогаш им паѓа влакното, па ги има по цел двор и треба да се чисти, па пак да се чешлаат, рече Петко.

Тој не ги жали и парите, бидејќи исто така треба многу да се вложи за да се прехранат и да се лекуваат ако има потреба. Како огледувачница потоа и ги продава.

– Годишно минималниот износ само за едно куче за купување храна е околу 300 евра. Но затоа е одгледувачница, да се огледуваат, да се грижиш добро за нив, да бидат здрави и силни, па дел од нив потоа се продаваат, објаснува Петковски.

Важен дел за одгледувачите е претставувањето на своите миленици на изложба на шарпланинци. Петко објаснува дека големо достигнување за сите што се занимаваат со одгледување на ваквите кучиња е да се победи на специјалните изложби за шарпланинци.

– Во последните две години сум во пензија, па целосно времето го поминувам со своите миленици и имам повеќе време за изложби. Инаку, одамна, од 1994 година одам по изложби. На последната во Прилеп освоив награди со огледувачницата „Марија и Јована“ од Тетово. Со женката прва, а нејзин брат на второ место. Замислете која е радоста и задоволството да победиш на ваков натпревар, тука, на пример, имаше 80 кучиња натпреварувачи. Сум освојувал награди и во Србија и во Бугарија, потенцира Петковски.

За жал, во градот под Шара, Тетово, одамна немало специјална изложба.

– Во Тетово се нема одржано специјалка одамна. За да се одржи специјалка, треба работа и организација. И многу специјалки и тоа не е добро. Меѓутоа треба да има барем во поголемите градови Тетово, Скопје, Битола, Прилеп. Овде кога беше специјалката во Тетово имаше толку народ што е незапамтено, интерес има, рече Петковски.

Шарпланинците важат за овчарски кучиња. Во минатото претежно служеле за чување овци, а претставувањето како миленици по изложби е понов тренд.

– Ние кога сме чувале овци, кај мене во село како дете паметам во Јанчиште имало 40 – 50 куќи што чувале овци. Секоја куќа имала најмалку по две кучиња. Тоа се 100 кучиња само во Јанчиште, и тоа само ние што се наоѓаме во рамнина, а замислете кај тие што се покрај Шара и Жеден имало уште повеќе. Имаше многу шарпланинци што се чувале по куќите како членови на семејствата, рече Петко.

Овие кучиња се големи. Може да тежат од 50 до 70 килограми, а висината достигнува и до 80 сантиметри.

– Услови имам кај мене во село. Имам поголема квадратура и пред и зад куќата. Не ги пуштам околу два месеца кога садиме, да не го оштетуваат посаденото во градината. Сега во зимскиот период се најубави зашто лете им паѓа влакното од жешкото. Зимата е најубава за кучињата. Се случувало на минус 20, викам ајде ќе им ставам теписон или слама во куќарката, да не им студи, тие пак надвор спијат, рече искусниот одгледувач на шарпланинци.

Низ целата држава во Кинолошкиот сојуз се регистрирани 31 одгледувачница на шарпланинци./MIA/