Оптимистички најави за датум за преговори до мај, но под одредени услови

0
80

До Самитот во Загреб се можни добри вести за ЕУ-проширувањето, но под одредени услови кои според француските дипломати во земјава зависат од С. Македонија, но и од самата Унија

Оптимистички најави од Париз – дека до мајскиот Самит во Загреб се можни добри вести за ЕУ-проширувањето, но под одредени услови кои според француските дипломати во земјава зависат од С. Македонија, но и од самата Унија.

Францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, чии јавни настапи во периодот по неуспехот на врвот на ЕУ да постигне компромис за почеток на преговори токму поради ставот на Емануел Макрон, се во насока на подобрување на имиџот на неговата земја, денеска ги наброја тие услови меѓу кои пак се најде и организирањето избори.

Прво треба да се организираат добри избори, да се продолжи континуитетот на добивање добри извештаи од ОБСЕ за организирањето избори, но и избирачкиот процес да биде зајакнат со што ќе се прати добра слика за Северна Македонија дека е демократска земја
Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција

„Прво треба да се организираат добри избори, да се продолжи континуитетот на добивање добри извештаи од ОБСЕ за организирањето избори, но и избирачкиот процес да биде зајакнат со што ќе се прати добра слика за Северна Македонија дека е демократска земја и дека ги исполнува сите Копенхашки критериуми. Потоа останува на големите политички партии да се договорат за начинот на организирањето на изборите, но исто така, и да се договорат за поуспешна борба против корупцијата и за судство еднакво за сите кое успешно ќе се справува со корупцијата. Знам дека тоа е долг пат, но ние сме на ваша страна да ви помогнеме во тоа. Знаете дека постои тој процес на ревизија на ЕУ и доколку се дадат позитивни точки до месец мај и од ваша и од наша страна мислам дека ќе добиеме добри вести“, рече Тимоние.

Ваквата изјава на врвниот француски претставник во Македонија доаѓа по низата критики на Европската комисија, но и на одделни земји-членки кои сметаат дека тактизирањето на Макрон може да предизивика бран на незадоволство на Балканот и појава на други глобални играчи во регионот.

Во критиките се приклучи и американската администрација која сега е во редот држави-предводници кои очекуваат врвот на ЕУ да донесе позитивна одлука за старт на преговори и за Македонија и за Албанија.

Метју Палмер, Специјалниот претставник на државниот секретар за Западен Балкан, пораката од минатонеделната посета на Скопје, ја повтори и денеска во Белград.

„Унијата прати лоша порака за целиот регион со неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, ќе направиме се за ЕУ да го промени ставот“, изјави Палмер по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Извор Глас на Америка