РАКОМЕТАРОТ НАУМЧЕ МОЈСОСКИ ГО „ОБЛЕЧЕ“ ДРЕСОТ НА СДСМ

0
141

Поранешниот македонски репрезентативец Наумче Мојсоски го облече партискиот дрес на владејачката СДСМ – екс министерот за земјоделство Љупчо Николовски ќе раководи со изборниот штаб на партијата.

Македонскиот ракометар Мојсоски на вчерашната 12-та седница на Централниот одбор на СДСМ беше избран за претседател на новата Комисија за спорт во владејачката партија.

Мојсовски тргна по чекорите на неговиот колега – тој не е првиот ракометар кој заминува во политиката. Пред околу еден месец во политичките води заплива и голманот Борко Ристовски, кој стана дел од тимот – стратешки соработници од областа на спортот на првиот човек на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ почна да се спрема и за изборите – додека се крчка новата изборна програма – предвремените парламентарни избори – закажани за 12 Април 2020 го добија и првиот шеф на изборен штаб на партија.

На предлог на претседателот Заев, Централниот одбор, синоќа едногласно го избра Љупчо Николовски за шеф на изборниот штаб на СДСМ. За координација на активностите за новата изборна програма на партијата, за предвремените парламентарни избори ЦО на СДСМ ја задолжи заменик претседателката на партијата, Радмила Шекеринска.

Според Заев неговата партија согласно анкетите и натаму е фаворит на изборите – пред членовите на ЦО истакна дека по досегашните теренски активности партијата подготвена ќе тргне на изборите.