Села чека Касами и Гаши да се смират, за Тачи не сака да чуе

0
140

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села чека скараните другари од БЕСА – Билал Касами и Африм Гаши да ги надминат недоразбирањата, а потоа сите заедно да влезат во битка за соборување на ДУИ од власта. Во евентуалната коалиција против интегративците би имало место за сите, освен за ДПА на Мендух Тачи, кого Села го смета за близок партнер на Али Ахмети. Но, затоа, членството на ДПА е добредојдена во Алијансата.
Пет и пол месеци до предвремените парламентарни избори, албанските политички партии ги прават последните калкулации пред гласањето на 12 април. Влогот е голем: ДУИ грчевито се труди да остане на власт каде што мина 15 од своите 17 години постење, а опозицијата насетува прилика дека сега е моментот да се урне бастионот, кој, според нив, владее само за лична корист, а не за унапредување на правата на Албанците и подобрување на животот на граѓаните.
„Според нашите анкети, Алијансата ќе победи и доколку оди сама на изборите. Времето на ДУИ е завршено. Сепак, за да биде победата поуверлива, отворени сме за соработка и со Беса на Касами и со Алтернатива на Гаши. Останува тие самите да видат дали може да го тргнат настрана личниот анимозитет и во интерес на повисоки цели да ги здружиме силите и да ја поразиме клиентелистичката ДУИ“, вели висок функционер на Алијансата за „Независен весник“.
Тој вели дека бројките неумоливо покажуваат оти неговата партија има највисок рејтинг меѓу граѓаните, поради што е нормално Алијансата да ја предводи евентуалната коалиција.


„Ние сме свесни дека лидерот Села нема да биде мандатар во новата влада, бидејќи не е реално да се очекува оти Алијансата и евентуалните коалициски партнери ќе добијат повеќе гласови од двете најголеми македонски партии, но доколку настапиме заедно ќе освоиме респектабилна поддршка, по што ќе можеме да ја истуркаме и оствариме програмата и ветувањата што ќе им ги дадеме на граѓаните. Во таа наша битка, добредојдени се и членовите и симпатизерите на ДПА. Ги повикуваме да се придружат на Алијансата. Поканата единствено не важи за нивниот претседател Мендух Тачи, кого го сметаме за послушник на Ахмети, бидејќи со своите постапки им помага(ше) на ДУИ да бидат на власт сиве овие години“, коментира нашиот соговорник.
Африм Гаши, кој по конфликтот во Беса ја формираше Алтернатива и со своите тројца пратеници се дел од владеачкото мнозинство, вели дека сите опции се во игра.
„Дали ќе одиме во коалиција со опозициските партии, дали со ДУИ, дали само со Алијансата, дали сами… сѐ уште не сме одлучиле. До изборите има уште неколку месеци, многу работи може да се случат. Во овој момент, сѐ е отворено“, ни изјави Гаши.
И Касами е уверен оти мнозинството Албанци ја сака ДУИ во опозиција, поради што е подготвен да коалицира со сите партии и од власта (Алтернатива, ДПА, НДП) и од опозицијата.
„Го подигаме влогот и повикуваме на сѐопшто обединување на Албанците со цел еднаш засекогаш да ја срушиме ДУИ. Ние би сакале предизборна коалиција за да бидеме сигурни оти опозицискиот глас ќе издејствува промени во државата, но доколку не дојде до тоа, по изборите би сакале некаква соработка со Алијансата за Албанците, бидејќи ние сега сме со поблиски ставови како опозициски партии“, нагласува Касами.
Во ДУИ не се загрижени поради повиците за окрупнување на албанската опозиција. Но, големиот оптимизам на Ахмети на стартот од предизборната кампања која неформално е почната, според аналитичарите, нема реална подлога ако се има предвид драстичниот пад на популарноста на ДУИ кај гласачкото тело, што се случи во периодот меѓу двата изборни циклуса во 2014 и 2016 година. Во 2014 година, ДУИ освои 153.000 гласа, а две години подоцна само 86.000, бројка која горе-долу ја потврди и преку советничките мандати на локалните избори во 2017 година.
Тие локални избори го изместија редоследот на партии во албанскиот политички блок. Ако ДУИ стагнираше со гласовите, а Беса изгуби околу 10 илјади гласа од оние 57.000 освоени на парламентарните избори десет месеци порано, единствена партија која порасна е Алијансата, која успеа да освои над 50 илјади гласа (на парламентарните освои 35.000) и да ја помине Беса, со која веќе соработуваа на неодамнешните претседателски избори кога го поддржаа Блерим Река.


„Датумот 12 април 2020 година го гледам како голема победа на Демократската унија за интеграција. Со една ваква Унија, нема сила што може да нè победи, бидејќи како прво имаме воспоставена мисија, идеали, а сега и функции. Нема функција без мисија, нема можности да се постигне целта ако ги губиш идеалите. Не само затоа што ова е наше семејство, но кажете ми една партија или движење кои имаат придонесено во ова земја повеќе од нашето семејство“, порачува Ахмети.