Судските работници утре на протест

0
137

Судските административци утре излегуваат на протест. Од 9:30 до 11 часот ќе ги напуштат работните места и ќе се соберат пред судовите каде што работат за да го изразат незадоволството од додатоците на плата за што го обвинуваат Судскиот буџетски совет. Според нив има нетранспарентна и нефер распределба во висината на месечниот додаток, како што велат, повеќе за судиите, многу помалку за службениците.

Висината на додатокот, се одредува според законите за судии и судски службеници – се правдаат од надлежните. Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев вели дека ништо не е спротивно на законот и секој месец ќе се одлучува врз основа на буџетот со кој располагаат.

Судскиот буџетски совет одлучува според правилниците произлезени од Закон за плати на судии и Закон за плати судски службеници. Таму стои дека по 35% им следува на судиите, а 25% на службениците. Додека пак сумата за додатоци не е идентична секој месец, ако има пари – има прераспределба.

Од синдикатот на УПОЗ овојпат се одлучиле за протест, бидејќи според искуството од 2016-та, штрајкот на работните места не им вродил со плод туку напротив – незадоволните работници биле казнети со речиси една цела плата.