Тетово ја чека обиколницата

0
79

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, на секои две недели го посетуваат западниот дел од земјава, фалејќи се со големи инвестиции во сообраќајната инфраструктура, иако се работи за редовното одржување и рехабилитирање на патиштата.

Таков е примерот со патот Тетово – Попова Шапка, делницата од Гостивар до Стража кои неодамна беа рехабилитирани, како и реконструкцијата на неколку регионални патишта.

Но засега се изведуваат само градежни активности на постојните сообраќајници, за нови значајни проекти или проширување на постојните за растоварување на сообраќајот има само најави и ветувања.

Делницата Тетово – Гостивар само се нарекува автопат, а во практика е брза сообраќајница, но на граѓаните им се наплатува како да возат на автопат.

За да ги исполнува критериумите да биде автопат, мора да има уште една сообраќајна лента, но тука има само две ленти. Дополнително патот е преполн со дупки, на многу места ја нема заштитната ограда и е крајно небезбеден.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека се разгледуваат неколку идејни проекти за реконструкција и проширување на оваа делница, но конкретно кога ќе започнат да се реализираат градежните активности оттаму немаат информации.

Сличен одговор добивме од Министерството на прашањето околу евентуална обиколница за Тетово, која според експертите е повеќе од неопходна за растоварување на сообраќајот во градот.

„Ние за обиколница треба да имаме сериозен проект, би инвестирале во ваков зафат затоа што се работи за капитален проект, но од Општина Тетово ни немаат доставено никаков проект“, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Досега општинските власти немаат дури никакви најави за изградба на обиколница, иако во самата општина од сега веќе покојниот универзитетски професор Вулнет Палоши, пред повеќе од една деценија, има доставено проект за изградба на обиколница. Проектот предвидува обиколницата да се гради покрај железничката пруга и таа би се споила со регионалниот пат Тетово – Јажинце.

Сообраќајните експерти велат дека можеби е подобро да се изготви друг нов сообраќаен проект за обиколница кој би се надоврзал на недовршениот булевар „Видое Смилевски-Бато“.

„Сметам дека треба да се направи проект за обиколница кој ќе се спои со булеварот ‘Видое Смилевски-Бато’ потоа некаде кај касарната да продолжи и потоа кај местото викано Брза вода, каде што има локален пат, тоа е државно земјиште и така нема да имаме проблеми со експропријација. Кога би се реализирал овој проект, тогаш значително би се намалила гужвата во Тетово, затоа што сега возилата кои одат од Скопје кон граничниот премин ‘Јажинце’ мора да поминат низ Тетово. Но и за нас ќе биде добредојдена оваа обиколница кои одиме кон руралните општини кои се кон граничниот премин кон Косово“, вели Валентин Тасевски, инженер по сообраќај и патишта.

И додека експертите апелираат за што поскора изградба на обиколница за Тетово, општинските власти абер немаат да ги довршат трите булевари во градот, „Видое Смилевски-Бато“, „Благоја Тоска“ и „Илинденска“.

Затоа што не се целосно пробиени, за да стигнете до одредена точка во градот, возилата сè уште мора да се движат по тесните улици и сокаци.

„Низ Тетово буквално до секоја точка побргу се стигнува пеш отколку со возило, сообраќајот е закочен, нема булевари како што треба да има овој град каде што од година во година се зголемуваат бројот на возила, а сообраќајната инфраструктура стои во место“, нагласува еден таксист од Тетово.

Локалната власт секоја  година ветува дека ќе ги пробие булеварите, но на терен не се случува ништо.

Претседателот на Советот на Општина Тетово, Беким Мемети, пак пред неколку месеци рече дека наесен ќе се започне со довршување на булеварот „Благоја Тоска“ кај мостот до Клиничката болница Тетово. Но, досега од ваквите најави нема ништо. Овие делници стојат недовршени неколку децении.

Извор Независен Весник