УДЕЛОТ НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР СЕ СМЕТА ДЕКА Е 23% ЗА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО

0
87

Ако една мерна станица чини 250 000 евра, тогаш колку чини човековиот живот?! Темата за аерозагадувањето во главниот град повторно актуелна, овој пат многу порано пред почетокот на грејната сезона, поради што се наметнува тезата дека, не само климатските поместувања, сообраќајот и фабричките оџаци, туку значен удел во овој проблем има и градежниот сектор.

Додека надлежните се фалат со садење на дрва и ослободување на зелени површини, скопјани се жалат дека на територијата на главниот град новите градби никнуваат како печури по дожд,

Пред само неколку дена Националниот совет за одржлив развој во рамки на расправата за „Унапредување на климатската акција во Република Северна Македонија“  го промовираше Зелениот климатски фонд како нов партнер за финансирање на инвестиции на државата во „зелен” развој, односно развој со ниско ниво на емисии и отпорност кон климатските промени. Останува времето да покаже колку засегнатите страни се подготвени да ја донесат и во Скопје, но и во останатите загадени градови во земјава, праксата за „зелени“ згради и „зелено“ градење како и „зелени“ градежни материјали.

За уделот на градежниот сектор во аерозагадувањето разговаравме со Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје.

-Уделот на градежниот сектор глобално се смета дека е 23% за аерозагадувањето, 50% за климатските промени, 40% за водата за пиење и 50% за отпадот. Би можеле да претпоставиме дека овие податоци важат и кај нас. Во Скопје тоа секојдневно се докажува и загадувањето може да се класифицира како: создавање прашина при ископи и во текот на градењето од употреба на градежните материјали; загадување од тешката механизација која се движи низ градот; фабриките кои произведуваат градежни материјали (на пример како Цементарата Усје); каменоломите во близина на Скопје (на пример Бањани); па се до загадувањата од испарувањата кои настануваат од вградените градежни материјали во текот на траење на објектите. – вели Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје.