Филмот Врба копнеж по родителството, ги руши рекордите во кино салите

0
81

Врба“ е сага за родителството, за желбата да се има дете. По секоја цена. Иако приказната е доминантно водена преку женските ликови, во ниеден момент машките не се помалку важни. Напротив, Манчевски многу добро доловува колку и мажите имаат право да чувствуваат болка и среќа кога станува збор за темата да се има дете.

„Врба“ е многу чиста приказна во својот наратив. Иако сме научени филмовите на Манчевски понекогаш да нѐ збунат, да нѐ остават да нуркаме во значењето и барањето симболики, во „Врба“ секој од нас станува некој од ликовите. „Играј со срце, не со разум“ – е едно од начелата врз кои работи Манчевски со актерите. Тоа го гледа публиката и го доживува како таа да е ликот.

Манчевски и овде ја користи структурата на триптих, препознатливата за него и омилена, поместена во две времиња и три приказни. Омиленото Мариово и овој пат е како лик рамноправен со останатите. Тишината на местото е во дослух со тишината на двата лика Донка (Сара Климоска) и Милан (Никола Ристески). Иако за актер нема лесна и тешка улога, можеби поголем товар им беше ним двајцата, со оглед на тоа дека играат ликови од пред повеќе векови. Но, Климоска и Ристески се маестрални во тоа и постои многу хемија меѓу нив на платното! Тежината на животот во рурални услови, искомбинирана со уште поголемата тежина што ја носат во срцата, маката да добијат дете што поскоро, допира до публиката. Камерата многу моќно ги доловува крупните кадри во важни моменти, доближувајќи ни ги ликовите уште повеќе. Ратка Радмановиќ (во улога на вештерката Сребра), е омилена актерка на Манчевски од постарата генерација. Таа и овде креира силна епизодна улога.

Филмот „Врба“ го сруши рекордот на најгледана премиера на македонски филм во скопското кино „Синеплекс“, кога истовремено, на први месецов, беше прикажан и во Битола, Охрид и Штип, Струга и Кичево.

Филмот се прикажа во Прилеп и Свети Николе, во четврток ќе биде проектиран во Крива Паланка, на 9 ноември во Гевгелија, во Кочани и Македонска Каменица на 14-ти.
Светската премиера на „Врба“ беше на 19 октомври на Римскиот филмски фестивал. Новиот филм на Манчевски ја освои и домашната публика со горчливата порака дека „Мајка не раѓа, мајка сака“.