Од почетокот на војната во Сирија убиени 29.000 деца

0
86

Повеќе од 29.000 деца се убиени од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Сириската мрежа за човекови права со седиште во Лондон вчера по повод Светскиот ден на детето објави извештај за настраданите деца во војната, која во Сирија започна во март 2011 година.

Во извештајот се наведува дека е документирано оти силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и проиранските терористички групи што им се придружиле ним, убиле најмалку 22.753 деца.

Најмалку 186 деца се убиени во нападите со хемиско оружје на режимот, а 305 деца починале од глад и недостаток на лекови во областите под опсада на режимот.

Руските сили во нападите убиле најмалку 1.928 деца, додека 984 се убиени од сириските опозициски сили, 956 од терористичката организација ДЕАШ, 924 од меѓународната коалиција предводена од САД и 214 деца биле убиени од Сириските демократски сили (SDF), друго име што го користат терористите на ЈПГ/ПКК.

Во извештајот се наведува исто така дека 5.034 се задржани во притвор во Сирија, вклучувајќи 3.618 задржани од режимот на Асад и 722 од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК.

Најмалку 326 деца, исто така, се задржани од ДЕАШ во областите што се под нивна контрола.

Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.

Оттогаш се верува дека стотици илјади луѓе се убиени, а над 10 милиони раселени како последица на конфликтот.